Не сакам фудбал. Немам никаква емоција кога играчите трчаат со топката по теренот. Декларативно навивам за „Звезда“ и еднаш дури мојот пријател Ѓоле ме одведе на дерби на „Маракана“. И тоа е тоа.

Некогаш не беше така. Како дете од претшколска возраст, најмногу сакав кога ќе дојдеше недела за да слушаме „Време за спорт“ и разонода со – симфонија. Емисијата, колку што се сеќавам, почнуваше околу 15 часот, некаде по неделниот ручек, но моравме да го вклучиме радиото пред ручек за ламбичките да се загреат. Некогаш и тоа не помагаше, туку моравме да го трескаме отстрана со дланките, како со шлаканици, додека не се слушнеа спикерите надгласувајќи се еден со друг со брзина од 300 збора во минута.

Потоа татко ми умре, а сликите од зелени терени со фудбалери кои трчаат почнаа да бледнеат. По неколку години фудбалот повеќе не ми беше интересен. Кога ќе размислам за многу работи кон кои како поединци и како заедница се стремиме, прилично сум сигурен дека ние не се раѓаме со љубов кон некоја област. Ние се раѓаме со капацитет за љубов, а дали љубовта ќе се развие, зависи од некоја личност која ќе нè упати во убавината на таа област. Јас покрај мајка ми засакав да готвам, покрај баба ми да месам леб, вујко ми ми ја купи првата јадица за риболов. Логично е тој некој најчесто да биде родителот, но најчесто имаме повеќе учители. Има една сцена од филмот „127 часа“, каде што главниот лик, инаку екстремен вљубеник во природата, заробен во некоја клисура, се потсетува на својот живот. Во еден кадар од само 5 секунди излегува на виделина зошто толку ја сака природата. Како малечко дете, взори, поспан, татко му го изнесува од автомобилот, го става на ќебе на работ од кањонот и му става очила. Во тој момент почнува изгрејсонцето…

Може да биде и спротивно, можеме да развиеме омраза или презир кон некоја област затоа што сме гледале како некој го прави тоа насила, нервозно, се мачи и себеси и другите со таа глетка, или уште полошо, ако така нервозен нè терал да работиме.

Ако како дете сте менувале гума на автомобил со нервозен татко кој пцуел цело време додека го правел тоа, веројатно таа работа засекогаш ќе му ја препуштите на мајсторот правдајќи се со непознавање на вештините, или едноставно дека не сакате да се валкате. Но, ако пред неколку децении заедно со својот татко сте ставале зелка за зимница со радост, шега, помагајќи си еден на друг, сигурен сум дека денес нема да пропуштите можност за уживање во тоа со своите деца. Како што нема ниту тие со вашите внуци за неколку децении.

Кога е училиштето во прашање, сите сме имале понекој наставник или професор од кој сме засакале еден предмет. Исто така, сме имале, во мој случај за жал многу повеќе – и токсични ликови покрај кои кон нивните предмети сме развиле одбивност. Јас, на пример, по биологија во основно имав некои професорки кои веднаш класот го поделија по критериумот за уредност на тетратките, на миленици на кои им ставаа петки и ние другите од кои се бараше да учиме напамет дефиниции и на кои делеа двојки и тројки. Во средно биологија ми предаваше човек кој би го преспал животот ако имаше од што да купи храна и пиво. Секој час намуртено влегуваше и велеше „нова лекција, читајте ги пасусите по ред од оваа клупа“ и потоа ние така со месеци сами се учевме додека тој се криеше зад весниците или дремеше.

За среќа, не ја изедначив биологијата со природата која секогаш повеќе ја сакав отколку градот, бидејќи со мајка ми речиси секој викенд бев на село, но камо среќа да имав наставници покрај кои би ја доживеал како дополнително запознавање со она што го сакам. Со техниката имав среќа. Колегата на мајка ми од работа, каде што поминував доста време, поправаше хонорарно телевизори по работа во еден сервис. Гледајќи дека ме интересира техника, ми го даде првин неговиот стар алат за лемење и некои компоненти, па почнав да правам различни справи. Набрзо потоа почнав да работам покрај него во ТВ-сервис „Електрон“, па така веќе во седмо одделение ја добив првата плата. И тука останав во следните неколку години.

Потоа дојде средно техничко образование, па факултет за електротехнички науки и малку по малку од човек кој леми стигнав до статус инженер. Многу работев и сакав да работам, но, сепак, да бидам искрен, сакав да работам сам. Претпоставувам дека тоа е така кај нас, децата единци. Ми требаше нов учител да ме учи да работам со луѓето и тој учител дојде во вид на жена и деца – особено деца. Мислам дека доста се намачија, но ме научија да сакам да работам со луѓе. Сега, веројатно би било подобро работите да беа обратни, ако нештата се одвиваа поразлично, но што е тука е…

Различни луѓе доаѓаат и поминуваат низ животите на луѓето. И сите имаат некаква задача. Поради некои, децата учат да сакаат спорт, природа, планинарење, поради други, животни, поради некои – историја и математика, поради некои – да ловат риби и да кампуваат, поради некои – да фотографираат или да ја уредуваат градината.

Сепак, задачата на родителите е најважна. Родителот е тука за децата да го засакаат животот!

Извор



912

X