Од вчераутро вработените во градинките сведочат дека родителите постојано им ѕвонат и се распрашуваат за начините како да ги запишат своите деца во овие установи за згрижување и воспитување на децата. Родителите, пак, стравуваат дека ќе се пополни капацитетот за запишување по принципот кој прв ќе го пријави своето дете
Откако Владата одлучи од 23 септември да се вратат на работа сите што изминатите шест месеци по разни основи беа ослободени од работни обврски, родителите чии деца се на претшколска возраст ги оптоварија телефоните на градинките барајќи начини како и каде да ги сместат своите деца, особено што Владата дозволи и зголемување на капацитетот за сместување на деца во овие институции.
Од вчераутро вработените во градинките сведочат дека родителите постојано им ѕвонат и се распрашуваат за начините како да ги запишат своите деца во овие установи за згрижување и воспитување на децата. Родителите, пак, стравуваат дека ќе се пополни капацитетот за запишување по принципот кој прв ќе го пријави своето дете.
Со работа наредната среда ќе почнат и родители на деца до шестгодишна возраст со образложение на Владата дека сега градинките се отворени и има каде да им бидат згрижени децата. Нема повеќе мерки и за родителите на деца до 10-годишна возраст кои ќе мора да работат без разлика дали детето ќе следи онлајн-настава или со физичко присуство во училиште. Единствена отстапка ќе има кај хронично болните, кои ќе можат да продолжат да бидат на боледување на неопределно време доколку имаат влошување на состојбата или малигна болест со наод и мислење од специјалист.
Градинките беа отворени на 9 септември, а веднаш имаше три пријавени случаи на вработени во овие установи што беа позитивни на коронавирусот.
Револтирани родители повикуваат на протест
Од синоќа на социјалните мрежи врие од коментари на родители на деца до шест и до 10-годишна возраст, како и на оние што не им е продолжено породилното отсуство. Многу од нив сметаат дека ваквите одлуки се избрзани и дека родителите ќе бидат принудени да дадат отказ на работа за да ги чуваат своите деца.
– Ќе нè притиснат в ќош и ќе даваме откази. Ете, тоа ни следува – коментира една мајка.
Друга, пак, вели дека ќе почнат работодавците да им ги прекинуваат договорите и така присилно ќе останат дома.
– Си играат играчки. Веќе заврши вирусот и сега сите се враќаме на работа – вели мајка.
Самохраните родители се прашуваат во која категорија се тие.
– Пак ништо не одлучија за самохраните родители, во која категорија сме ние – прашува самохрана мајка.
Има и такви родители што повикуваат на протест против овие мерки на Владата.
– Веднаш протести. Што чекаме? Вака нè играат како што сакаат. На социјалните мрежи нема да го решиме проблемот – посочува мајка на дете до шестгодишна возраст.
Фото: МТСП
Цело утро ѕвонат телефоните во градинките
За да има поголем капацитет во детските установи, Владата го промени протоколот на Комисијата за заразни болести за функционирање на градинките во услови на пандемија – наместо шест деца во групите со дечиња до 2-годишна возраст како што е сега, капацитетот ќе биде дуплиран и ќе згрижуваат 12 деца. Министерството за труд и социјална политика треба да ги извести овие установи да продолжат со нови приеми и уписи и доколку имаат потреба од дополнителен просторен капацитет, да побараат помош од локалната власт.
Станка Баџакова, директорката на градинката „Весели цветови“ во скопската населба Кисела Вода, вели дека новите одлуки на Владата го зголемиле интересот кај родителите, кои веднаш ги контактирале да се информираат за условите нивните деца да бидат примени во установата.
– Постојано ни ѕвонат телефоните, родителите нè бараат, сакаат да знаат дали ќе има место за нивното дете, бараат детали околу протоколите. Нивната вознемиреност е оправдана, но ние сме тука да им кажеме дека сме подготвени за работа. Капацитетите на градинката не се исполнети, досега само 25 отсто од капацитетот на оваа градинка е полн. Во еден клон сега доаѓаат до 25 деца, а порано сме сместувале и над 100 деца. Значи место има и ќе се работи според протоколите за заштита од Ковид-19 – посочува Баџакова.
Според неа, новите мерки ќе им ја олеснат работата зашто на работа ќе се врати целиот персонал кој претходно ги користел мерките што ги донела Владата.
– Ќе видиме и која ќе биде динамиката на носење деца во градинката зашто има родители кои се скептични, па ќе им треба време да стекнат доверба – вели таа.
Катерина Бојковска-Јовчевска, директорката на градинката „Гоце Делчев“ од населбата Илинден, вели дека сега вршат анкети на родителите кои се заинтересирани да ги носат своите деца во градинката.
– Ние имаме можност да ги примиме сите деца што сме ги примале и претходните години. Немаме никакви ограничувања во условите за работа. Единствена слабост изминатиот период ни беше тоа што не можевме да оформиме нови групи на деца, но сега ќе видиме колкав ќе е интересот кај родителите, па ќе одлучуваме и за тоа – посочува директорката на градинката во Илинден.
Снежана Тодоровска, директорката на битолската градинка „Мајски цвет“, очекува интересот кај родителите да биде голем.
– Се зголеми бројот на деца што ќе бидат сместени во најмалите групи во јасли. Ќе се обидеме сите деца да бидат сместени според протоколите за заштита од вирусот – посочува таа.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска пред една недела посочи дека сите градинки во државата имаат капацитет да згрижат вкупно 19.000 деца, но интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.
– Останува можноста ако градинките имаат повеќе слободни места, тогаш да прифатат и други деца. Децата ќе бидат згрижени во градинките и ќе бидат безбедни – рече министерката.
912