Време е за спиење. Секако, децата не се поспани. Сакаат да си играат уште малку, да прочитаат уште една книга, повторно да одат во тоалет, одеднаш се гладни, жешко им е, студено им е, имаат вишок енергија, треба да пијат вода, приказната е премногу гласна, светлината е премногу слаба…Секој родител го знае сето ова. И секој родител што го доживува почесто ќе добие исип само при споменување на овој проблем. Дали е навистина толку тешко да се заспие?!
Според една анкета спроведена на оваа тема, една четвртина од родителите поминуваат до еден час навечер обидувајќи се да ги успијат своите деца. Едноставна пресметка доаѓа до бројката според која многу родители поминуваат 15 дена во годината – расправајќи се за спиење.
Што прават родителите како дел од оваа рутина?
Некои прибегнуваат кон пуштање хеви метал музика, додека други признале дека спијат на вратата од детската соба, предејќи како мачка и преправајќи се дека се Дедо Мраз – во август. Меѓу помалку имагинативните, но многу необични, има и видео од родител кој чита истражувачки труд од работа како приказна за спиење.
Анкетата била спроведена на 3.000 родители на деца под шест години.
-Ја држев ќерка ми в скут и потскокнував силно на топка за пилатес – рекла една мајка.
Друга мајка рекла дека еднаш пуштила мешавина од звуци на китови со лесен дожд додека нежно го нишале детето во корпата за алишта како лулка затоа што, очигледно, креветчето едноставно не било доволно таа ноќ“

Ваквите рутини за спиење влијаеле и врз сонот на родителите. Две третини од испитаниците рекле дека рутината за спиење на нивното дете го нарушува нивниот сопствен сон или способноста за релаксација најмалку еднаш неделно, а 12 проценти го доживувале тоа секоја вечер. Резултатите, исто така, сугерираат дека 40 проценти од родителите биле сериозно лишени од сон, успевајќи да се снајдат со три до пет часа спиење навечер. Таквото лишување од сон, се разбира, предизвикува конфликт меѓу паровите. Речиси половина рекле дека не се согласуваат со својот партнер за тоа како да ги решат дилемите со спиењето. Само 17 проценти од родителите изјавиле дека времето за спиење воопшто не е стресно.
Сепак, и покрај предизвиците, повеќе од половина од родителите не побарале никаква помош во управувањето со рутината на спиење на своето дете, а помалку од 40 проценти следеле конзистентна рутина на спиење.
Автор: Наташа Крстичевиќ