Имајќи ја предвид фактичката ситуација, мислам дека наставата не само што треба да продолжи, туку треба да биде без маски. Едноставно вирусот е толку многу заразен што маските на училиште се гола форма, вели епидемиологот Даниловски

Второто полугодие е предвидено да почне на 20 јануари. Од Министерството за образование и наука велат дека ќе се координираат со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести околу одлуките за начинот на кој ќе се одвива наставата.

Зголемувањето на бројот на нови случаи на ковид-19 и ширењето на омикрон-сојот предизвикаа загриженост кај дел од родителите, па бараат онлајн настава во второто полугодие од учебната година.

Мислењата за ова прашање се поделени. Некои сметаат дека децата треба да одат на училиште, дури и без да носат заштитни маски, а противниците на ваквата можност порачуваат дека повторното воведување настава на далечина негативно ќе се одрази врз образовниот процес.
Сепак, треба да се напомене дека од почетокот на пандемијата образовниот процес го следат низа контроверзии.

МОН ќе ги следи препораките на Комисијата за заразни болести

Од Министерството за образование велат дека насоките и препораките за одвивање на наставата во училиштата ги дава Комисијата за заразни болести.

– Второто полугодие е предвидено да започне на 20 јануари. Ќе се координираме со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести околу одлуките за начинот на кој ќе се одвива наставата – велат од МОН.

Комисијата за заразни болести на вчерашниот состанок ја разгледувала и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година.

– Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие бидејќи клучно е каква ќе биде тогаш епидемиолошката состојба во државата. Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука.

Родителите поделени, едни се за онлајн настава, други за настава без маски

Движењето „Поддршка за онлајн настава“, произлезено од фејсбук-група која брои 15 илјади члена, апелираше до Комисијата за заразни болести да даде предлог до Владата за онлајн настава.
Главни аргументи за ова се лошиот здравствен систем и високата смртност од ковид-19, но и тоа што голем број семејства немаат услови за изолација.

Од движењето порачаа дека вирусот се пренесува многу брзо кај децата во една училница, а шансата за заразување е голема.
– Во првото полугодие учениците од основните и средните училишта ја посетуваа наставата со физичко присуство, додека еден дел од учениците, според одлуката на Владата, поради различни причини, ја следеа наставата онлајн. Дел од учениците не беа вклучени, дел беа уценувани од одредени просветни работници. Сметаме дека правото на образование е загарантирано со Уставот, а дел од законите се грубо прекршени – велат од движењето.


Но, родителите се поделени, друга група бара на училиште на децата да им биде дозволено наставата да ја следат без маски.

Од иницијативата „СТОП за носењето маски во училиште“ велат дека Македонија нема капацитет за целосна онлајн настава.

Даниловски: Наставата да продолжи, и тоа без маски

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека до почетокот на второто полугодие има време и дека треба да почекаме да заврши распустот.

– Дотогаш ќе видиме каков ќе биде развојот на епидемиолошката ситуација. Ако видиме дека болниците нагло се полнат и се заканува нивно преоптоварување, ќе треба да се воведат краткотрајни рестриктивни мерки, во кои спаѓа и продолжување на распустот за две-три недели. Лично, не верувам дека ќе дојде до тоа – посочува епидемиологот.

Драган Даниловски

Според него, сега имаме работа со омикрон, варијанта која е многу попренослива од делта-сојот и која го заобиколува стекнатиот имунитет.Од друга страна, предизвикува поблаги симптоми, особено кај помладите. Ако се покаже дека не се преполнуваат болничките капацитети, веќе јавно кажав став дека би било пожелно сите што прележале ковид-19 и вакцинираните со две или три дози, освен постарите од 75 години и оние со хронични болести (кои би требало да се засолнат), слободно да се движат и да работат.
Истото, посочува Даниловски, се однесува и на училиштата.

– Вирусот толку брзо се шири што веќе е илузорно да се очекува значајно сопирање со расположливите мерки. Со ваквиот „шведски“ пристап во македонски услови брзо би си обезбедил колективен имунитет од над 95 проценти, а тоа ќе значи дефинитивно крај на епидемското ширење. Оттаму, имајќи ја предвид фактичката ситуација, мислам дека наставата не само што треба да продолжи, туку треба да биде без маски. Едноставно вирусот е толку многу заразен, што маските на училиште се гола форма. Доволни се групирањата во паузите за ужина и на одморите меѓу часови за да се поништи ефектот на маските. Чуму ни се, тогаш? Затоа, да ги пуштиме децата слободно да дишат! Ништо нема да им биде ако се сретнат со омикрон. Но, има и деца со хронични здравствени проблеми. За нив најдобро би било да се префрлат сосема на настава на далечина (онлајн) -објаснува Даниловски.



912

X