Родителите често ги споредуваат сопствените деца со другарчињата од градинка, од маало, па дури се јавува и загриженост зошто нивното дете не знае да чита, а ќе тргне во училиште
Дали првачињата треба да знаат да читаат, да бројат или можеби само да ги препознаваат буквите? Ова се дилемите со кои се соочуваат голем број родители кои од септември ќе имаат прваче. Тие често ги споредуваат сопствените деца со другарчињата од градинка, од маало, па дури се јавува и загриженост зошто нивното дете не знае да чита, а ќе тргне во училиште.
Материјалот е посветен на игровни активности
Одделенските наставници се согласни дека родителите воопшто не треба да се оптоваруваат околу ова прашање или да прават проблем ако детето не знае да чита, а треба да тргне во прво одделение.
– Безброј пати ми го поставиле ова прашање родители чии деца ќе бидат првачиња. Секогаш им велам дека децата пред да тргнат во прво одделение не треба да знаат да читаат. Изминатите неколку години се соочивме со повеќе промени во однос на програмите за работа, но и со возрасните граници за поаѓање во училиште. Децата од 6-годишна возраст не треба прерано да се оптоваруваат со читање и пишување – вели наставничката Зорица Милкова од Кавадарци.
Таа објаснува дека во програмата за прво одделение околу 80 отсто од материјалот се посветени на игровни активности преку кои учениците учат да препознаваат и да цртаат симболи (букви) и учат правилно да ги изговараат гласовите и да ги слеваат во зборови.
– Треба да се земе предвид и дека дел од учениците не посетувале градинка, па затоа треба да се направи баланс каде што нема да има преголема разлика со „понапредните“ ученици кои претходно стекнале поголеми знаења – објаснува Милкова.
Со сличен став е и наставничката Ленче Евчевска, која предава во тетовско училиште. Таа објаснува дека за разлика од минатото, денеска учениците релативно мали седнуваат во училишните клупи.
– Затоа и не може да се очекува од нив да се запишат во прво одделение со којзнае какви предзнаења. Воедно и не се бара и не се очекува многу од нив. При уписите се проценуваат нивните основни знаења, можеби да препознаат понекоја буква, или буквите од своите имиња или некоја што им е позната. Не се очекува, а и не е потребно да ги познаваат буквите или да знаат да читаат по нешто – вели Евчевска.
И Наташа Симоновска, одделенска наставничка, е децидна дека првачињата не треба да знаат да читаат пред да тргнат во школо.
– Мали се и не се психички подготвени за тој долг процес каков што е описменувањето – вели таа.
Учениците што научиле да читаат се досадуваат
Според програмата за прво одделение, учениците учат да препознаваат букви, да ги пишуваат, но не и да знаат да читаат. Дали првачињата што знаат да читаат се во поголема предност од врсниците? Дали ќе им биде досадно да поминуваат материјал што веќе го знаат, се исто така дилеми со кои се соочуваат родителите. Ова всушност може да биде меч со две острици.
Наставничката Евчевска објаснува дека е предност тоа што некои првачиња знаат да читаат, но во понатамошното образование тоа може да влијае позитивно или негативно, во зависност од самото дете.
– Има ученици што веќе ги познаваат буквите, а некои знаат да читаат. Кај овие деца при изучувањето на буквите во прво не постои интерес за учење, одбиваат да ги учат и да ги пишуваат домашните задачи бидејќи сметаат дека го знаат тоа, за разлика од другите ученици. Но, постојат ученици што така се чувствуваат посигурни и со наставникот ги вежбаат уште поубаво ракописот и изговорот на буквите и на зборовите – вели таа.
Вежби за пред да појдат во прво
Сите наставници се согласни дека секој ученик е приказна за себе и дека секој постигнува резултати според своите можности и способности. Милкова објаснува дека некои ученици побрзо ги совладуваат поставените цели, а некои имаат потреба од поголемо насочување. Затоа наставниците поставуваат различни критериуми за нивно следење и развој.
– Предноста на учениците што знаат да читаат пред да тргнат во прво одделение е во растењето на самодовербата. Тие се чувствуваат поспремни и често се наметнуваат како лидери на група. Но, покрај тоа често се случува и да бидат невнимателни на час затоа што планираната цел веќе им е постигната, па им е досадно. Исто така, учениците што во прво одделение читаат, подоцна во второ одделение некои од нив се соочуваат со проблем – учење напамет. Да не заборавиме дека нивните мозочиња се како сунѓер кој впива сè што ќе слушне и го интерпретира механички. Тука веќе читањето преминува во механичко препознавање на зборовите и неправилно слогово интерпретирање – раскажува Милкова.
Таа советува пред да тргнат во прво одделение децата да прават вежби за развој на ситната моторика, правилното држење на моливот, како и препознавање на буквите и броевите за полесно да го усовршат цртањето (пишувањето) на истите.
Нејзината колешка Симоновска ги советува родителите да не ги оптоваруваат премногу децата пред да тргнат на училиште.
– Нивното знаење во текот на образованието ќе се надградува, треба да им помогнеме на децата со љубов да доаѓаат на училиште, а не зашто мораат – вели таа.
912