Новата изјава што ги пречека родителите во градинките ги разлути. Врие од дискусии, забелешки и коментари

„Не сум приморан да го носам детето во детска градинка и решението да го носам е во целост лично мое“. Оваа реченица од изјавата што ги пречека родителите во градинките многу ги разлути. Тие деновиве при запишувањето на децата во градинките добија лист за изјава со 17 потточки. Дел од потточките ги наведуваат родителите да потпишат дека не се приморани да ги носат децата во градинка, дека решението е во целост нивно, дека ќе им ја проверуваат температурата на децата, дека градинката не им обезбедува гаранција дека нема да бидат заразени и уште многу други работи…

Родителите бурно реагираат на овој потег на градинките.

– Како тоа не сум приморана да го носам во градинка? Секако дека сум приморана, кај да биде додека сум на работа? Оваа ситуација е нож со две острици. Треба да одбираме меѓу две зла – вели мајка.

Изјавата, реагираат родители, е небулозна и неприфатлива по повеќе основи.

– Како тоа не сум приморан да го носам детето во градинка? Па нели им носиме потврди од работодавецот дека работната позиција задолжително се извршува во деловните простории на работодавецот за да го запишат детето? Со таа потврда им посочуваме дека сме приморани да го носиме детето во градинка. Со Изјавава би се побиле себеси – коментира татко.

Во изјавата стои дека родителот е запознаен дека градинката ги запазува хигиенските мерки.

– Од каде знае родителот дали се почитуваат или не? Да не ни даваат увид во видеонадзор па да сме во тек, да проверуваме? Зошто да прифатам на слепо детето да се меша со други групи воспитувачи и негуватели? Тоа го зголемува ризикот за ширење на вирусот поради контакт со поголем број лица, што е контрапродуктивно и спротивно на превентивните мерки – коментира родител на „Фејсбук“.

Родители коментираат дека не можат да потврдат однапред за цела година дека не не би биле во контакт со личност позитивна на Ковид-19 затоа што не можат секогаш да знаат за тоа.
Дискусијата околу изјавата се одвива надолго и нашироко на социјалните мрежи. Родителите велат дека се затекнати и разочарани од ваквиот потег.

Фото: Колектиф Прес/Архива

– Според Изјавава, значи и не мора да се грижат за децата бидејќи не сносат никаква одговорност. Значи ние што мора да одиме на работа свесно да го изложиме детето на ризик оти ние деца за експеримент имаме. Или да си дадеме отказ? Градинките да не ги принудуваат родителите да потпишуваат изјава со која се штити само интересот на градинката, се знае какви се условите во градинката, дека во секоја занимална нема тоалет, а не пак посебно место за спиење. Децата играат и спијат во истиот простор, кој исто така е мал. Доколку нешто се случи во врска со здравјето на децата, треба да одговара и установата – велат родителите.

Градинките сами одлучиле за изјавата

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека градинките сами одлучуваат што ќе побараат од родителите.

– Министерството во соработка со Комисијата за заразни болести изработи протокол – оперативен план за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба, кој Владата го одобри и тој беше испратен до јавните и приватните установи за деца – детските градинки за нивно постапување. Согласно протоколот, секоја градинка како посебен правен субјект носи свои акти за работење во време на пандемијата, кои треба да бидат усогласени со протоколот. Родителот/родителите пред повторно да го вклучи детето во градинката потребно е да достави потврда од работодавец дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работното место и да обезбеди лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете. Секоја градинка сама одлучува што дополнително ќе побара од родителите – ни изјавија од МТСП.

Мислат дека ќе направат ред со ваква изјава

Од градинките велат дека ваквиот тип изјава би им помогнал да воведат ред.

– Ова е изјава која повеќето градинки решивме да ја воведеме со цел да воспоставиме некој ред. Да се знае на што се родителите и нивните деца. Најмногу ни беше важно да бидат свесни доколку дојде момент да се направи трансфер на детето од една во друга група. Иако е многу мала веројатноста за тоа, сепак, треба да бидеме свесни и подготвени. За моментот дека родителите не се приморани да го пуштаат детето во градинка, сепак сметаме дека не се, тоа е нивна одлука. Знаеме дека можеби немаат друго решение, но сепак тие одлучуваат во целост. Ние немавме забелешки од ваков тип. Повеќето родители реагираа како едни деца би примиле, а други не, реагираа за изјавите што треба да ги достават од работното место, што не е во наша моќ, ние не одлучуваме за правилата и ние не можеме да промениме ништо – вели Маја Ристовска, директорка на градинката „Росица“ во Скопје.



912

X