Сите родители на учениците од 2. до 9. одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. Учениците што првпат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на јуни
Образовната асистенција првпат системски се воведува, информираат од МОН. Оттаму велат дека се донесени сите подзаконски акти што се однесуваат на услугата, со што образовна асистенција ќе се испорачува согласно Законот за основно образование. Услугата ќе се финансира од Буџетот на државата.
– Преку Буџетот на МОН за 2021 година обезбедени се 59 милиони денари за тоа – рече министерката за образование и наука Мила Царовска на зум-средбата во организација на Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – НВО „Пркос“, во соработка со Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби – „Соѕвездие“.
Царовска нагласи дека веќе се спроведуваат подготовките за обезбедување на услугата образовен асистент од следната учебна 2021/2022 година.
– Сите родители на учениците од 2. до 9. одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. Учениците што првпат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на јуни. По утврдување на потребата, односно бројката на потребни образовни асистенти, во втората половина на јуни ќе се објави јавен повик за ангажирање образовни асистенти – појасни Царовска.
Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ, во април ќе почне обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.
Согласно новиот Закон за основно образование, посебните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образоваат ученици со попреченост стануваат ресурсни центри, а министерката Царовска посочи дека со тоа ќе се овозможи мобилност на веќе постојниот искусен кадар кој ќе им дава поддршка на инклузираните ученици, како и на инклузивните тимови во редовните училишта.
Обезбедувањето на пристапноста, рече Царовска, е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН.
– За унапредување на процесот на инклузија, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 12 образовни институции низ државата – 4 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion, за која е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да почнат во јуни/јули 2021. Во рамките на ИПА-проект се доделени и 287 стипендии за деца со попреченост кои се вклучени во редовното образование, и тоа за прво и второ одделение. Oваа година се зголеми и бројот на стипендии преку МОН предвидени за учениците со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта, односно доделени се 100 стипендии за ученици со посебни потреби за учебната 2020/2021 година – велат од МОН.
912