Тинејџерите се под стрес и тоа многу влијае врз нивното ментално здравје. Родителите мора да поработат на притисокот на кој ги изложуваат своите деца, вели Џенифер Брехени Валас, новинарка која дипломирала на „Харвард“.

„Колку и да се грижите за тоа како вашето дете поминало на важен тест или дали заработи место во спортскиот тим, ризикувате да ја влошите вознемиреноста на вашиот тинејџер со поставување прашања веднаш штом ќе влезе во куќата“, изјавила Валас.

За да ја напише книгата „Никогаш доволно: Кога притисокот за достигнувањата станува токсичен – и што можеме да направиме за тоа“, Валас интервјуирала многу психолози и 6.500 родители низ Соединетите Американски Држави. Истражувањето за книгата ја инспирирало да направи голема промена во нејзиниот родителски стил.

„Кога моите деца се враќаат дома од училиште, наместо да ги прашам како го решиле тестот, сега ги прашувам што ручале. Споменувам работи кои немаат врска со нивните достигнувања“, објаснила таа.

Како да разговарате со вашите деца за оценките на здрав, нетоксичен начин

Валас вели дека научила од разговорот со психолозите дека родителите можат да ја пренесат сопствената анксиозност на своите деца преку процес наречен емоционална зараза. Таа научила дека преголемото фокусирање на достигнувањата на детето може да испрати и потенцијално штетна порака: нивната вредност зависи од нивната изведба.

„Преголемиот фокус на успехот на детето, кој вклучува пофалби за високите оценки, а не за трудот, е пример за култура на постигнување која станува токсична“, вели новинарката и истакнува дека вознемирените деца што ги интервјуирала во повеќето случаи биле деца кои чувствувале дека нивната вредност како личност зависи од нивната изведба на училиште или други активности.

Психотерапевтот Тина Пејн Брајсон истакнала дека тоа не значи оти родителите не треба да бидат љубопитни за оценките на своето дете, но треба да избегнуваат поголемиот дел од разговорот да се врти околу ваквите прашања.

„Ги ограничувам потенцијално стресните разговори со децата на еден час неделно, за време на викендите“, порачала Валас.

Извор



912

X