Воспитување

Родителите купуваат сè повеќе предмети и им попуштаат на своите деца, а причината е тажна

Мора да признаеме дека многу деца денес се разгалени, неодговорни и мрзливи. Нивната главна грижа е како да дојдат до телефон или компјутер за да можат да играат видеоигри и како да „натераат“ некој од возрасните да им купи уште една играчка што подоцна ќе заврши во купот.

Одговорностите и обврските за децата денес се сведени на минимум бидејќи тие се мали и треба да играат безгрижно. Секако, на децата треба да им се даде слобода, но денес се чини дека тоа се злоупотребува. Кога им се вели да ги средат играчките што ги расфрлале насекаде, започнува бран на незадоволство и спротивставување.

Поради тоа што се растргнати помеѓу многу обврски, родителите поминуваат сè помалку време со своите деца, а сè повеќе купуваат предмети за да ги направат децата среќни. Но, дали навистина ни требаат училишта за пливање, трчање или возење велосипед?

Само сетете се на времето кога сте научиле една од горенаведените вештини. Нели тоа се едни од најубавите моменти во вашиот живот на кои сè уште се сеќавате со радост? Сигурно дека се бидејќи сте ги споделиле вашите успеси со најмилите луѓе – вашите родители.

Доволно е да одвоите десет до петнаесет минути на ден за да поминете квалитетно време со вашето дете. Не се мисли на возење на децата на разни активности или гледање телевизија, туку на читање, раскажување приказни, одење во парк и слично. Децата, исто така, имаат потреба од одговорности. Редењето садови во машината не е нешто што едно прваче не би можело да го направи само.

А колку од нив го прават тоа? Токму преку овие обврски ја зајакнуваме нивната самодоверба, ги учиме да ја ценат работата на другите луѓе и си ги олеснуваме домашните работи. Затоа, следниот пат кога ќе дојде време да го исчистите станот со правосмукалка или да ја избришете прашината, вклучете го и вашето малечко и направете го тоа заедно преку игра.

Извор

Поврзани написи

To top