Родителите сè почесто се прашуваат кога е вистинското време нивното дете да го добие првиот паметен телефон и како воопшто да го надгледуваат времето што го поминува пред екраните. Некои се двоумат околу родителската контрола, додека други размислуваат на која возраст навистина му е потребен мобилен телефон или таблет.
Без разлика какви одлуки носат, постои едно правило што психологот Џин Твенџ го смета за клучно за здравјето и среќата на децата. Тоа е забраната за користење електронски уреди во спалната соба во текот на ноќта.
– Едноставно велам: не ти треба мобилен во собата додека спиеш. Точка – порачува Твенџ, професорка по психологија на Универзитетот „Сан Диего Стејт“ и авторка на книгата „10 правила за воспитување деца во технолошки свет“.
Повеќе од десет години таа ги предупредува родителите на штетните последици што можат да ги предизвикаат паметните телефони и социјалните мрежи кај младите. Многу истражувања покажуваат дека нивната прекумерна употреба го зголемува ризикот од вознемиреност, депресија и други проблеми со менталното здравје.
Друштвените мрежи и менталното здравје
Загриженоста за влијанието на друштвените мрежи не доаѓа само од психолозите. Уште во 2023 година американскиот хирург Вивек Марти предупреди дека дигиталните платформи придонеле за сериозна криза на менталното здравје меѓу младите.

Затоа Твенџ советува родителите што е можно подоцна да им дозволат на децата користење паметни телефони. Препорачува да немаат социјални мрежи пред 16-годишна возраст, а свој мобилен да добијат дури кога ќе станат доволно самостојни.
Сонот е поважен отколку што многумина мислат
Зошто е толку важно децата да не спијат со мобилен телефон? Затоа што уредите сериозно го нарушуваат квалитетот на сонот, кој е клучен за физичкото и менталното здравје, особено во периодот на развој.
– Ако родителите можат да следат само едно правило од оваа книга, нека биде ова – пишува Твенџ. Таа додава дека забраната за уреди во спалната соба не чини ништо, а може многу да значи.
Децата често остануваат будни скролајќи низ социјалните мрежи или ги будат известувањата во текот на ноќта.
Твенџ предупредува дека недостигот на сон го зголемува ризикот од различни проблеми, вклучувајќи болести и депресија. Иако екраните го нарушуваат сонот и кај возрасните, кај децата и младите последиците се поголеми бидејќи нивниот мозок сè уште се развива. Квалитетниот сон е важен за учење, емоционална регулација и општо психичко здравје.
Твенџ признава дека многу деца, особено тинејџерите, ќе се спротивстават на ова правило. Затоа советува родителите да почнат што порано. Препорачува со децата уште во основно училиште да се разговара за влијанието на паметните телефони, бидејќи сè повеќе деца ги користат уште од многу рана возраст.
Но, дури и ако веќе сте дозволиле користење уреди во собата, не е доцна да воведете нови правила. Твенџ зборува од лично искуство бидејќи ги променила правилата и кај своите три ќерки во тинејџерска возраст. Признава дека не било лесно, но верува дека вреди да се обиде.