Се наближува периодот од годината кога родителите купуваат најмногу детски играчки, а американски организации апелираат што помалку од нив да имаат вештачка интелигенција. Таквите играчки, вклучувајќи ги и оние што користат „Чет-ГПТ“, можат да „разговараат“ со децата, па се продаваат дури и за деца од две години.
Групата „Ферплеј“, заедно со повеќе од 150 организации и експерти, предупредува на опасностите: поттикнување опсесивна употреба, несоодветни разговори, ризично однесување, насилство и самоповредување.

Некои ВИ-играчки се продаваат како едукативни, но можат да ги нарушат развојот на креативноста и социјалните вештини кај децата. Малите деца се природно привлечени кон пријателски „личности“ во играчките, што може да ја зголеми штетата.
Експертите истакнуваат дека традиционалните, аналогни играчки, како коцки или кадифени играчки, подобро ги поддржуваат креативноста, фантазијата и решавањето проблеми, затоа што децата сами ги измислуваат приказните, додека ВИ-играчките честопати го прават тоа наместо нив.