Воспитување

Родители споделиле изјави од децата од кои сè уште ги лазат морници

Знаат да кажат што било – пред сè затоа што немаат „филтри“ кои се создаваат, градат, изработуваат со текот на годините. Децата кажуваат што и да им падне на ум. Понекогаш нè срамат, понекогаш нè смеат, понекогаш ни ги отвораат очите или нè тераат да видиме сè на сосема нов начин, понекогаш велат „Царот е гол“… А понекогаш – гледаат духови, на пример.

Многумина можат да ни кажат секакви работи, но ние одбиваме да им веруваме. Но, кога нашите деца ќе ни кажат нешто такво… Па, тогаш нè лазат морници. Еден татко на платформата „Редит“ предизвикал лавина од коментари кога го поставил прашањето: „Што е најстрашното нешто што вашето дете ви го кажало вам или на некој друг?“

Еве некои од одговорите, но мора да предупредиме: ова е само за најхрабрите!

-Кога мојата сега 13-годишна ќерка имаше три години, ми рече дека е „родена на плажа“. Кога ѝ објаснив дека всушност е родена во болница и дека знам затоа што сум била таму, таа рече: „Не, мамо. Јас сум родена претходно, ме роди мајката пред тебе“.

-„Мамо, невидливиот човек сака да влезе во твојата спална соба“.

-„Дали човекот на таванот ќе дојде со нас кога ќе се преселиме?“

-За среќа, не беше мое дете, туку детето што го чував. Го ставив в кревет и 10 минути подоцна тоа излезе и рече: „Не можам да заспијам. Брат ми не ми дава мир“. Неговиот брат починал уште како бебе.

-Кога мојот најстар син имаше речиси две години, повремено плачеше навечер. Понекогаш беше хистеричен и велеше дека злобната старица го исплашила. Откако ова се случи неколку пати, една ноќ го држев в раце обидувајќи се да го смирам и му реков: „Подобро е таа старица да се пази или ќе мора да се справи со мене“. Одеднаш престана да плаче и се потпре на моето рамо, па внимателно ме погледна. Ми рече: „Таа не се плаши од тебе, мамо“. Тоа беше пред 23 години и сè уште се ежам кога ќе помислам на тоа.

-Кога син ми беше малечок, се сеќавам како му кажував оти некогаш бил во мојот стомак. Ме пресече и ми рече: „О, да, се сеќавам на тоа, таму беше темно“.

-Го исеков стапалото на парче скршено стакло, а моето дете (кое тогаш имаше пет години) рече: „Не чисти го тоа! Можам да ја искористам твојата крв за сликање!“

-Една вечер ја заспивав мојата двегодишна внука додека ја чував, а таа погледна преку моето рамо и рече: „Кој е тоа?“ Погледнав зад себе и прашав на кого мисли. Таа одговори: „Човекот зад тебе. Беше со тебе и во кујната“. Ние две бевме сами во куќата. Остатокот од вечерта го поминав во дневната соба на еден стол свртен со грбот кон ѕидот, нервозно гледајќи наоколу.

-Мојот внук беше во болница една година откако се роди. Секогаш беше тивок. Јас спиев кај нив една вечер кога имаше околу 10 години и тој слезе долу. Легна на каучот до мене и совршено мирно и сериозно рече: „Во куќата има мртви луѓе“. Потоа се врати горе и си легна.

-Кога ќерка ми имаше три години, еден ден дојде дома од дневен престој и нејзиното однесување се промени штом стигнавме дома. Таа стана многу повлечена и изгледаше многу вознемирена. Ја прашав што не е во ред и таа рече: „Ангелот на покривот ни е лут“.

-Кога брат ми имаше четири години, тој ѝ рече на мајка ми: „Треба да одиш кај дедо во болница бидејќи главата го боли од несреќата“. Мајка ми му кажа дека дедо е добро, дека не вози. 15 минути подоцна телефонот заѕвони. Баба ми ѝ кажа на мајка ми дека дедо е во болница откако неговото такси се судрило.

-Моето преслатко тригодишно дете еднаш со љубов ми рече: „Мамо, кога ќе умреш, ќе го задржам твоето тело за да можам да ти ја галам косата“. Во тој момент ме галеше за косата…

-Моите пријатели беа на патување на другиот крај на земјата со своето дете. Во еден момент додека возеле, четиригодишното дете покажало кон стар, обраснат земјен пат и рекло: „Таму одев на училиште“. Мојата пријателка му го спомнала коментарот на нејзиниот брат следниот ден кога се возеле со автомобил, а тој ѝ кажал дека таму всушност имало стара училишна зграда од 19 век.

-Неколку месеци откако мајка ми почина, ќерка ми седеше во својата соба и гледаше телевизија. Таа погледна низ ходникот како да виде нешто. Стана и рече „Баба е во нејзината соба“. Влезе во собата на мајка ми и ја затвори вратата. Ја слушнав ќерка ми како зборува и се смее низ вратата. Се плашев и се надевав дека можеби и јас ќе ја слушнам мајка ми, но не ја слушнав.

-Неколку недели откако син ми наполни две години, ми рече: „Гледај, чадот се расчистува“. Тоа не се зборови што ги користиме во секојдневниот говор, па го прашав што значи тоа. „Исчезнува“, рече тој. Бев импресионирана и го прашав каде го научил тој збор. Тој одговори: „Кога бев пораснат“. Се насмеав и го прашав кога бил пораснат. Прашањето воопшто не го замисли и тој веднаш одговори: „Пред да се родам“.

-Возевме покрај гробишта кога моето дете имаше околу три години. Одеднаш рече: „Кои се сите тие луѓе што стојат наоколу?“ На гробиштата немаше никој.

-Еднаш син ми ме разбуди во 2 часот наутро и ми рече: „Доаѓаат“, гледајќи ме морничаво. Излезе дека и тој всушност спиел.

-Моето петгодишно дете со години зборува за своето „прво семејство“. Правеше секогаш нешто за да го поттикне сеќавањето на нив. Секогаш беше доследен во својата приказна. Велеше дека бил болен, а потоа дошол да живее кај нас. Зборува за нив сè помалку и помалку како што расте, но секогаш ми е фасцинантно кога ги споменува.

-Денот кога баба ми падна во кома, мојата најмлада сестра (тогаш имаше четири години и не знаеше дека баба е во болница) дојде дома од градинка и рече дека баба дошла кај неа во градинка. Следните две недели таа рече дека баба ми ја посетувала во дневниот престој, во различни периоди секој ден и дека секогаш излегувала низ вратата. Еден ден дојде дома вознемирена и ѝ кажа на мајка ми дека баба ми станала, а потоа целосно исчезнала. Неколку часа подоцна, мајка ми доби повик дека баба ми всушност починала.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

To top