Поголемиот дел од летото го поминав во состојба на вкочанетост, поттикната од одрекувањето дека светот неизмерно се промени и ништо нема да биде исто. По трауматичната пролет, животот одненадеж стана малку понормален летово. Децата не беа на камп, но јас работев од дома, па бевме среќни што секој остана здрав и (релативно) разумен.
А потоа сè се сруши. Добив чувство на паника – нема доволно часови во денот за да се завршат сите обврски – и паника – моите кутри деца мора да поминуваат низ ова повторно, но овој пат многу подолго време – и исцрпеност – веќе сум истрошена емоционално и ментално.
Тука бев, пред нецели 24 часа, движејќи се, неволно одложувајќи ја неизбежната пропаст и мрак за тоа каков ќе биде животот оваа учебна година. А потоа, во средината од ноќта, се разбудив размислувајќи за сите тие родители чии деца веќе се во училиште еден месец и ги замислував како ми велат: „Хах, ти со целиот твој оптимизам и медиокритетски надежи. Што мислеше дека ќе се случи?“ Остатокот од вечерта го поминав превртувајќи се, посакувајќи повторно да беше јули (но, не навистина), кога сè уште имавме два месеца на игнорантност и мир пред да започне учебната година.
Ќе биде вообразено од моја страна да кажам дека ги имам одговорите (како уредник во рубриката – Родители – во „Хафингтон пост“). Нашите лидери очигледно ги немаат, исто така. Но, она што го знам во овој момент на страв и тага е истата работа што ја знаев и во текот на пролетта: за да се помине низ овој момент, без разлика колку долго ќе трае – ние како родители треба да си обезбедиме не само себеси, туку повеќе и на децата, некаква благодат. Ќе го пребродиме ова. Не велам дека ќе биде убаво, но ќе го пребродиме. Бидејќи мораме. Па еве неколку работи што ќе се обидам да ги спроведам оваа учебна година, а можеби и вие ќе сакате да се обидете.
Покажете емпатија. Кон себеси. Кон децата. Кон наставниците на вашите деца. Кон сите.
Издвојте време за себе. Да, одењето во тоалет сам додека „скролате“ на „Инстаграм“ се зема предвид.
Сретнете се со пријател кој ќе ви дозволи да се искажете, а и тој ќе го стори истото.
Гледајте глупави филмови. Само немојте да го гледате „Пијани родители“ на „Нетфликс“.
Дишете длабоко.
Истегнете се кога ќе се разбудите.
Бидете трпеливи и простете си себеси и на своите деца.
Смејте се. Дури и малку.
Направете вашите деца да се чувствуваат безбедни и сакани.
Поминете време со децата.
Кои се вашите лични мантри за оваа година? Или начини за да го поминете денот? Со среќа и да се справиме заедно и со оваа учебна година.
Автор: Кејт Аулета