Почитувајте ги мерките за заштита, не одбивајте тестирање и кажувајте ги сите контакти, така ќе се заштитите себеси, а ќе ни помогнете и нам, апелираат лекарите
Лекарите апелираат до луѓето да ги почитуваат мерките за заштита од Министерството за здравство, задолжително да носат маски, да вршат дезинфекција и да не се групираат бидејќи само така ќе ја намалат трансмисијата на вирусот САРС-ков2, а со тоа и ќе се заштитат од Ковид-19.
– Има време кога повторно ќе се дружиме и ќе се собираме. Сега треба да се заштитиме и себеси и другите бидејќи некој може да помине без симптоми, или со лесни симптоми, но да зарази некој друг кому состојбата може да му биде многу тешка. Со тоа ќе ни помогнат и нам и на целиот здравствен систем, бидејќи има многу заболени – вели д-р Лилјана Којиќ, матичен педијатар.
Луѓето можат да излезат и да се дружат, во помал број како што препорачува Министерството за здравство, и тоа да биде на отворено и со почитување на мерките, вели таа.
– Прошетките во природа или на отворено се потребни и за имунитетот и за подобра психичка состојба, во услови кога се работи од дома и подолго време сме во ист простор – објаснува д-р Којиќ.
Таа вели дека луѓето различно реагираат на состојбата, едни се премногу вознемирени и бараат превентивно лекови и тестови, други пак одбиваат тестирање, ги кријат контактите, па дури откако ќе заболат повеќе членови од семејството, ја разбираат сериозноста на состојбата.
– Ми се случува да ми донесат дете кое било во градинка и според симптомите го праќам на тестирање. Родителите одбиваат да го тестираат, негодуваат и прашуваат зарем мора веднаш тест. Децата минуваат со лесни симптоми, но ако навреме не се тестираат и изолираат, може да им го пренесат вирусот на другите. Има и случаи да им закажам тестирање, но нема да отидат, па откако сите ќе се разболат дома, се жалат дека нема термини или тестови – вели д-р Којиќ.
Таа додава дека многу малку од оние што имаат заболен во семејството ги даваат сите контакти при епидемиолошката анкета.
– Најчесто кажуваат дека биле во контакт само со семејството, и според тоа решенијата за изолација им се даваат на членовите на потесното семејство. Но, откако ќе се испоразболат сите или повеќето од поширокото семејство, тетки, баби, вујни, тогаш веќе има проблем бидејќи го рашириле вирусот – вели д-р Којиќ.
Лекарската комора апелира до луѓето да ги почитуваат мерките за заштита бидејќи има голем број заболени, а поголем дел од клиниките и болниците веќе имаат ковид-центри каде што секојдневно се примаат новозаболени.
-И ние како лекари сме исцрпени, но тука сме и работиме. Вирусот е проширен и има многу заболени. Затоа апелирам сите да ги почитуваат мерките за заштита, затоа што само така може да се заштитиме сите – вели д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.
912