Родителите од САД и Израел велат дека добиле пораки во кои се повикани да ги избришат апликациите на социјалните мрежи од телефоните на нивните деца. Апелот пристигнал откако Хамас се закани дека ќе убива израелски заложници секогаш кога Израел ќе бомбардира цивили во Газа, а потоа ги емитуваше егзекуциите преку аудио и видео.
„Забележавме дека во блиска иднина на социјалните мрежи може да се рашират вознемирувачки видеа, вклучително и снимки од заложници“, изјавил директорот на едно училиште во Њујорк.
„Видеата и фотографиите најверојатно ќе се споделуваат преку Инстаграм, Тик-ток и други социјални медиуми. Ве охрабруваме да размислите за тоа вашите деца да ги избришат овие апликации засега, да поставите дополнителни родителски контроли и/или да им помогнете на вашите деца да ги користат социјалните мрежи“, додал тој.
Пораки биле испратени и до родители во други американски држави со еврејско население, вклучувајќи ги Мериленд и Њу Џерси.
Израелецот Дејвид Ланке, кој ја води групата „Israellycool“, објавил на платформата „X“ скриншот од пораката што ја добиле родителите од училиштето на неговата ќерка во Израел. Пораката, напишана на хебрејски и испратена преку „Вацап“, предупредува дека Хамас наскоро може да дистрибуира видеа од заложниците и ги повикува родителите да го отстранат „Тик-ток“ од уредите на нивните деца.

Предупредувањата се прошириле и надвор од границите на САД и Израел. „JFS“ (Еврејско бесплатно училиште), кое е всушност британско средно училиште во Лондон, оваа недела испратило е-порака во која ги информира родителите дека администраторите ги предупредиле учениците оти Хамас може да објавува вознемирувачки слики на социјалните мрежи – и им предложиле на учениците да ги избришат апликациите на „Тик-ток“ и „Инстаграм“.
ж