Илјадници родители во Холандија бараат отштета во име на своите деца од операторот на популарната платформа „Тик-ток“. Тие бараат повеќе од 1,4 милијарда евра, објави холандската фондација за истражување на информации за пазарот (СОМИ).
Како причина се наведува дека „Тик-ток“ собира податоци за малолетни лица без дозвола за целно рекламирање. Покрај тоа, децата се изложени на опасности преку таканаречени предизвици во кои од корисниците на платформата се бара да извршат ризични дела.

Фондацијата СОМИ е непрофитна организација посветена на заштита на основните права на корисниците на интернет-услуги.
Зголемување на безбедноста на младите корисници
„Тик-ток“ е во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“. Операторот на платформата претходно објави дека презема мерки за зголемување на безбедноста на младите корисници. Според условите за употреба на „Тик-ток“, на малолетниците им е потребна согласност од нивните родители. Децата на возраст под 13 години не смеат да ја користат услугата. Компанијата на својата веб-страница посочува дека корисниците имаат пристап до поставките за приватност за да можат „да ги изберат поставките што им одговараат“.
Извор