Ако вашето дете повторно се вратило дома тажно, но не сака да ви каже дали го повредило некој во играта или ако видите дека е повторно разочарано и не сака да ја открие причината за неговото нерасположение, значи дека е на пат да создаде проблем со искажување на емоциите.
Наместо да им се доверат на родителите, децата ги кријат причините за тага, страв, пад на самодовербата, љубомора, а тоа не е добро и мора навреме да се реагира.
– Децата мора да научат како да ги искажат емоциите, како да се справат со нив и потоа да продолжат понатаму, а не да се обидуваат да ги потиснат – предупредува Вики Паначионе, детски психолог и основач на Институтот за подобро родителство во Мелубрн.
Секогаш прашувајте го детето дали има некаква идеја за тоа како да се реши проблемот што се појавил.
Ако детето чувствува дека не треба да има емоции или дека неговите чувства се лоши, ќе почне да ги потиснува и нема да успее да ја прифати стратегијата за здраво соочување.
Прашајте го за некоја случка: – Што мислиш, зошто дојде до тоа? или – Имаш некаков предлог како би можело да се реши тоа? На тој начин би можеле да го поттикнете да се занимава со проблемот што го мачи, а не да го турка „под тепих“.
Експертите велат дека е важно возрасните да направат во домот атмосфера за детето да се чувствува сигурно и да може да се отвори.
– Родителите даваат поголема утеха со тоа што го слушаат детето кога зборува. Ако имате разбирање за неговото расположение, кое варира, тогаш тоа секогаш ќе сака да ви ја отвори душата – тврди д-р Мел Левин, професорка по педијатрија на Универзитетот во Северна Каролина.