Низ САД се појавува сè посилно движење на милениумски родители кои сакаат да им обезбедат на своите деца детство слично на она од 90-тите години: без постојана зависност од паметни телефони и со многу повеќе слободна, самостојна игра. Во многу домови се враќаат фикcните телефони, радијата и заедничките семејни вечери пред телевизор без мобилни уреди.
– Се наоѓаме во идеална позиција затоа што го познаваме животот пред тоа и животот потоа. Имавме можност да видиме што се случува кога ќе се премине границата. Сега имаме можност да направиме чекор назад и го правиме тоа – вели Холи Москатиело, мајка-милениумец и основач на непрофитната организација „Баланс проџект“, која им помага на децата да ја усогласат независноста со свесното користење на технологијата.
Ваква промена со години ја застапува и психологот Џонатан Хајт, кој во својата книга „Анксиозна генерација“ повика на ограничување на користењето паметни телефони пред 14-годишна возраст. Се чини дека родителите сега навистина го слушаат.

Психолозите одамна предупредуваат дека раното користење на паметните телефони ги зголемува стресот и анксиозноста кај децата, а ограничувањето на екраните пред тинејџерските години е сè попопуларна препорака. Родителите се обидуваат да ја намалат зависноста од технологија и да го вратат чувството на слобода што самите го имале – игра на улица, дружење без надзор и повеќе време на отворено.
Ова движење се потпира и на заеднички напори во училиштата и заедниците. Сè повеќе училишта воведуваат построги правила за користење мобилни телефони, а десетици илјади родители потпишуваат иницијативи за одложување на првиот паметен телефон до повозрасна возраст.
Современите алтернативи, како едноставни телефони без екран, им овозможуваат на децата да имаат основна комуникација без пристап до интернет. Родителите велат дека целта не е целосно да се забрани технологијата, туку да се создаде побалансирано, поздраво и поспокојно детство, слично на она што го паметат додека тие растеле.