Дали некогаш сте размислувале за тоа колку е важна соработката помеѓу учителите и родителите? Или спаѓате во оние родители што одат само на родителски состаноци, тогаш кога ќе бидат повикани?
Верувајте, тоа не е доволно. Со тоа што ќе воспоставите соработка со учителот, не само што ќе имате детален увид во однесувањето и работата на своето дете туку и ќе придонесете кон тоа вашето дете да се чувствува уважено. Така му станувате сигурно пристаниште, што како родител и треба да бидете. Исто така, детето на тој начин стекнува впечаток дека навистина ви е важно што прави и дека сте вклучени во секој сегмент од неговиот живот. Дајте му потпора и поставете цврсти темели за секој негов следен чекор.
Се разбира, тоа не значи дека треба секојдневно да бидете на училиште, но секако би требало да имате индивидуален разговор со учителот, одвреме-навреме. Неретко се случува родителите да ја префрлат вината на учителот, а учителите на родителите. Тоа се согледува во незадоволството поради однесувањето на ученикот, изостанувањето на работните и културните навики. Во тоа меѓусебно префрлање најчесто страда детето.
Доколку пред детето лошо зборувате за учителот, бидете сигурни дека на тој начин му давате лош пример. Доколку расте во такво опкружување, детето нема да научи да го почитува учителот. Најдобар интерес за детето се постигнува во заедничка работа, како и соработка помеѓу родителите и учителот.
Каква треба да биде соработката помеѓу родителите и учителот?
Суштината на оваа соработка се огледува во меѓусебната информираност. И родителите и учителите поседуваат одредени информации за детето. Сите тие информации се многу корисни бидејќи на тој начин се формира комплетна слика за детето. Родителот најдобро знае што сака неговото дете, што не сака, како реагира на одредени ситуации, колку е приспособливо на промени и слично. Од друга страна, учителот има увид како тоа дете се однесува во колективот, како се вклопува во друштво, колку е активно на час, како и дали редовно ги извршува своите обврски, како напредува во учењето итн. Не заборавајте дека секоја информација што родителот и наставникот меѓусебно ја разменуваат е повеќеслојно корисна за детето.
Какви може да бидат облиците на соработка помеѓу родителите и учителите?
Освен родителските состаноци, облиците на соработка може да бидат индивидуални, контакти преку пишан пат или групни контакти. На учителите секој вид соработка многу им значи и секогаш се достапни. Од друга страна, изгледа како родителите да не го користат доволно своето право на индивидуални облици на соработка со учителот. Иако, има и родители кои избегнуваат и родителски состаноци. Треба да се има предвид дека секој облик на соработка претставува огромна помош во креирањето заемен однос помеѓу учителот и родителот, а за благосостојбата на детето. Не би требало да се залажувате со тоа што современата технологија ви овозможува увид во електронскиот дневник, па затоа да избегнувате контакт со учителот. Сепак, нишо не може да го замени живиот збор.
Доколку соработката е добра, детето успешно ќе може да ги надмине евентуалните тешкотии што се јавуваат на училишна возраст. Иако, мора да знаете дека тој процес мора да биде обостран и бара еднакво ангажирање како од учителот така и од родителите. Важно е во вакви ситуации да се ограничи пристапот до информации, односно дискрецијата да биде загарантирана. Добиените информации се користат исклучиво за благосостојбата на детето. Со успешната соработка помеѓу родителите и учителите се усогласуваат и воспитните мерки, се зголемува задоволството и мотивацијата на детето. А тоа неминовно доведува до јакнење на самодовербата кај детето. Освен тоа, многу придонесува и редовноста на одење на настава, се унапредува комуникацијата кај децата, нивното примерно однесување, како и желбата за поголемо ангажирање и учење. Во практиката е докажано дека децата чии родители почесто доаѓаат на училиште имаат подобра фокусираност и внимание, редовно ги завршуваат домашните задачи, помалку се насилни и што е многу важно – имаат позитивен став кон училиштето.
Родителот и учителот претставуваат тим
Не заборавајте дека крајниот резултат од добрата соработка треба да биде детето – кое е мотивирано и кое е спремно да усвојува нови знаења. Оваа заемна соработка придонесува кон јакнење на самодовербата и самопочитта кај детето, а со самото тоа му се овозможува успешно да изградува социјални вештини, како и да стане личност со интегритет. Тоа нека ви биде мисла водилка, па заедно со учителот да претставувате тим кој има заедничка задача – а тоа е вашето дете да порасне во здрава, стабилна и одговорна личност.
Автор: Славица Бијелиќ, учителка
912