Остин Еванс се загрижила кога добила вест што не сака да ја слушне ниедна мајка: пулсот на нејзиното бебе опаѓал, така што морало да се роди порано.

Веднаш штом се родило, бебето Конрад било итно однесено на одделот за неонатална интензивна нега, каде што работела медицинската сестра Карли Милер. Никој не знаел дека оваа средба меѓу малечкиот пациент и посветената медицинска сестра ќе доведе до доживотна врска.

– Карли беше харизматична и смешна. Постојано велеше дека Конрад е слатко бебе. Начинот на кој таа зборуваше со него кога ги извршуваше обврските беше мајчински. Постојано се обидуваше да го утеши иако тој беше под седативи – раскажува мајката на Конрад.

Во првите пет дена поминати на интензивна нега Милер постојано била покрај Конрад.

– Состојбата на Конрад беше доста критична. Не знаевме во која насока ќе оди. Почнав да поминувам доста време со родителите на Конрад покрај него – раскажува медицинската сестра Милер, која работи во детската болница во Хјустон, Тексас.

Конрад имал проблеми со бубрезите и сериозни тешкотии со дишењето, па затоа бил на вентилатор.

Кога во 20-тата недела на скринингот било откриено дека Конрад имал блокада на бубрезите, а Еванс немала плодова вода, лекарите ја преместиле во детската болница во Тексас за да помогнат нејзиното бебе да порасне. Докторите знаеле дека на новороденчето ќе му треба дополнителна поддршка и по раѓањето.

Следните 37 дена Еванс и нејзиниот сопруг Бренден Вилијамс не смееле да го земаат Конрад в раце затоа што му била потребна поддршка во дишењето. Сестрата Милер често ги известувала родителите каква е состојбата на Конрад.

– Карли беше единствената комуникација што ја имав и единствената што навистина го познаваше Конрад. Бевме изолирани поради пандемијата и бевме далеку од нашето семејство. Врската со Карли Милер иако на почетокот беше професионална, со текот на времето стана лична за мене – вели мајката на Конард.

Кога лекарите планирале да го преместат Конрад во друг оддел за да добие терапија за бубрезите, Еванс дознала дека Милер повеќе нема да му биде медицинска сестра, па затоа ја замолила да се префрли во тој оддел.

Ако семејството имало прашања на кои Милер не знаела да одговори, таа наоѓала начини за да ги најде потребните информации. Така, ситуацијата создала прекрасен однос помеѓу оваа медицинска сестра и семејството.

Кога по шест месеци Конрад беше доволно силен за да ја напушти болницата, Еванс почувствува желба да ја замоли Милер да му биде кума. Сепак, не собрала храброст да го направи тоа. Затоа, подоцна ја поканила да го посети бебето и со голем букет го поставила прашањето. Така Милер станала кума на малиот Конрад.

Милер била почестена што ќе биде дел од животот на Конрад.

Извор



912

X