Родителите денес ја водат најтешката битка – со екраните. И додека сè уште можеме да се избориме преку одење во паркови, патување или старомодното „преспивање кај другарче“, се чини дека дури и забавите во пижами не се повеќе сигурни. Да, уште повеќе се игра и се зјапа во екранот кога децата се собираат на „дружење“ за преспивање.
Еден родител неодамна го споделил своето искуство на платформата „Редит“, откако организирал дружба со преспивање за неговиот син и неговите пријатели од основно училиште.
-Половина од децата дојдоа со уреди „ајпад“ или „нинтендо свич“. Тие не играат заедно, сите прават нешто друго и сите се обидуваат да ги убедат другите да го играат само она што тие го сакаат. Едно дете гледа во уредот со часови и морам да одам да го проверувам повремено за да видам дали диши – вели родителот.
Некои родители се шокирале. Но, другите родители велат дека оваа приказна им е добро позната.
-Имавме група девојчиња, 10-12 години, на забава со пижами. Едно дојде со мобилен телефон и беше тотално навлечено. Не знаев што да правам, беше непријатно да му кажувам да го отстрани затоа што изгледаше анксиозно. Но, искрено, нема да ја повикам кај нас дома повеќе – коментирала една мајка.
За среќа, коментирале и родителите кои ја пронашле формулата за забава без екран.
-Пријателите на мојот 10-годишник секогаш доаѓаат со уреди. Значи, штом ќе дојдат, го соопштувам она што ќе го правиме. Прво излегуваме, играме фудбал, или некои социјални игри, па закуски, и дури потоа можат да играат малку (максимум два часа). Кога ќе го знаат редот, никој не се бунтува – напишал еден татко.

-Само поставете го правилото однапред: без екрани. Родителите на пријателите на мојот син дури велат дека им е полесно кога знаат дека тој е на преспивање без мобилен телефон. Градевме тврдини и игравме игри. Децата супер си поминаа. Можат една вечер без екрани – додал друг родител.
Совет за крај: Организирајте кино на отворено, без „ајпад“ и уреди. Или само воведете играње „Монопол“, како што тоа го правеа порано нашите родители.
Автор: Карина Шиждрак