Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје ни раскажа како е да се дочека Нова година на дежурство со породување. За неа, тоа е специфичен, единствен дочек на новогодишната ноќ кој не може секој да си го „плати“ за да ужива во него

Доаѓањето на свет на првото бебе во годината за родилиштето и тимот значи нова надеж, среќа, бериќет, па медицинскиот персонал додека е на работа и во исчекување на Новата година, со нетрпение и возбуда го чека првиот детски плач.

– Среќни сме кога тоа се случува кај нас затоа што новиот живот значи нова надеж, среќа, бериќет… Нам, исто како и на родителите, симболика за среќа и бериќет не ни е полот на првото новородено, туку фактот дека на свет дошло живо и здраво бебе – вели д-р Викторија Јовановска, директорката на Клиниката за гинекологија во Скопје.
Таа четири пати досега таканаречената најлуда ноќ во годината ја има дочекано во лекарска униформа, на новогодишно дежурство како гинеколог. Ни раскажа како е да се дочека Нова година на дежурство со породување.

Посебна ноќ за дежурните

За д-р Јовановска, дочек на Новата година на работа е посебна ноќ, специфичен, единствен настан кој не може секој да си го „плати“ за да ужива во него.

– Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје е најголемото родилиште во државата. Среќна сум што сум на чело на клиника која е синоним за бебиња, всушност, родилиштето е најубавото место каде што може да се дочека Новата година затоа што таму се раѓа нов живот – вели Викторија.

Посвечена атмосфера и празнично расположение

Новогодишната ноќ во однос на работата не е специјално поразлична од останатите 364 ноќи на дежурства во годината затоа што на клиниката секој час на свет доаѓа нов живот.

– Бројот на лекари, на медицински сестри, воопшто на целокупниот медицински персонал и во новогодишната ноќ не е намален, работата е со иста динамика, само што во таа ноќ сите сме сплотени во чувството на надеж за годината во која стапнуваме да ни биде посреќна и со повеќе живи и здрави родени бебиња од претходните – раскажува докторката Јовановска.

Додава дека само во поглед на атмосферата има разлика во дежурствата на клиниката во новогодишната ноќ наспроти другите ноќни дежурства во текот на годината.

– Иако овде не станува збор за гламур, за богати празнични трпези, за раскош, игри и песни. Персоналот е во своите вообичаени униформи, евентуално со понекој мал новогодишен детал кој е дискретно светкав, новогодишен. Нормално дека таа ноќ атмосферата е посвечена, а и расположението на целиот персонал е некако празнично, на повисоко ниво. Сепак, атмосферата во родилната сала не е ни одблиску слична на еуфоријата што вообичаено владее во најлудата ноќ во годината, иако како што наближува полноќ, сите се среќни, почнува одбројувањето, а веселите гласови на персоналот може да бидат „надвикани“ само од плачот на бебето кое ни најавува дека е новиот жител на планетата. Сè на сè, станува збор за специфичен, единствен дочек на новогодишната ноќ, кој не може секој да си го „плати“ за да ужива во него – раскажува докторката.

Во исчекување во кое родилиште ќе се роди првото бебе

Многу породувања, убави моменти, многу бебиња се акумулирале низ годините во нејзините сеќавања, за кои вели дека сите ѝ се драги и ја асоцираат на среќа и надеж.

– Секој миг во родилната сала е единствен, не само за мајката, туку и за мене како гинеколог, а породувањето во новогодишна ноќ не подразбира некое посебно, специјално сценарио.
Секогаш се работи за нов живот, што е најспецијалниот, највоскликнувачкиот и најнезаборавниот момент на благослов и наплив на среќа во животот. Невообичаеноста на дежурството за Нова година се состои во тоа што исчекувајќи го првиот детски плач во годината, телефонски сме во постојана комуникација со колегите од другите родилишта за да добиеме информација каде се родило првото бебе во првите мигови од новата година.
Среќни сме кога тоа се случува кај нас затоа што новиот живот значи нова надеж, среќа, бериќет… Нам, исто како и на родителите, симболика за среќа и бериќет не ни е полот на првото новородено, туку фактот дека на свет дошло живо и здраво бебе – сподели Јовановска.

Четири „луди ноќи“ на дежурство

Првпат била дежурна за дочекот на Нова година уште во просториите на поранешната зграда на Клиниката за гинекологија, кога била специјализант.

– Тоа беше во 1999 година и се сеќавам дека на клиниката се роди првото бебе во државата, живо и здраво девојче, тешко 3.050 килограми и 47 сантиметри долго. Оттогаш, уште трипати сум била дежурна на новогодишната ноќ. Вториот пат дежурав за дочекот на 2005 година, кога на свет дојде машко бебе, навистина големо момче од 4.420 килограми и 54 сантиметри долго. Исто така, таа година на нашата клиника тоа беше првото родено бебе во државата. Третиот пат кога новогодишната ноќ ја дочекав во бел мантил беше преминот од 2010 во 2011 година. Тогаш првото бебе што се роди на Клиниката за гинекологија, а и во Македонија, беше женско, живо, здраво, тешко 3.800 килограми и долго 51 сантиметар. Последен пат бев дежурна во 2017 година. Годината ни почна со раѓање здраво девојче долго 42 сантиметри и тешко 2.600 килограми – се присетува докторката.

Новогодишното расположение се пренесува и на мајката

Вели дека е вообичаено пред чинот на породување да се будат измешани чувства на страв и слатко исчекување кај бремените жени. Секако, ако мајката се породи на новогодишната ноќ, веројатно тоа е уште една причина за незаборавно добредојде.

– Во моментот на доаѓање на свет на првото бебе во годината, охрабрувачки влијае општата атмосфера во родилната сала, дури можеби и го забрзува раѓањето. Како што се доближуваат стрелките од часовникот за конечно да се спојат, така почнува гласното и весело одбројување за влезот во Новата година и за раѓањето на првото бебе, а мајката понесена од расположението е подготвена за целосна соработка со медицинскиот персонал, за што побргу да ја почувствува среќата што ѝ ја носи нејзиното штотуку родено бебе.

За крај, би сакала на читателите на вашиот портал да им посакам среќна и весела Нова година, со мноштво убави мигови и со што помалку здравствени предизвици од видот на оние со кои ја живееме 2020 година – додава д-р Јовановска.

Фото: Приватна архива



912

X