Кога како родител ќе се најдете во позиција да можете да влијаете врз тоа дали вашето дете ќе страда или воопшто нема не страда – се јавува прашањето што да одлучите? Секако, ќе го ставите на ваш грб товарот ако треба и ќе направите сѐ што можете за вашето дете да не страда бидејќи така ви кажува вашиот инстинкт. Сепак, знаеме дека всушност е многу подобро да го правиме токму спротивното – барем понекогаш.
Имено, неуспехот, колку и да ни изгледа нелогично на почетокот, е важен за личниот развој и раст на децата. Иако може да изгледа спротивно на родителските инстинкти, неуспехот е вреден и неопходен дел од процесот на учење на детето – особено за учењето на издржливоста. Со ова се согласува и Рис Витерспун, познатата актерка, која неодамна во едно искрено интервју зборувала за тоа дека им дозволува на сопствените деца да доживеат неуспеси.
Витерспун признала дека ѝ е тешко што дозволува нејзините деца понекогаш да доживеат неуспех, иако нејзиниот инстинкт ѝ кажува да ги заштити од тоа. „Го гледам тоа често кај родителите – не знам кога престанавме да им дозволуваме на нашите деца да не успеат во нешто. Јас конкретно научив толку многу кога не предадов еден тест, па добив опомена, па добив суспензија“, рекла Рис во интервјуто, потсетувајќи се на времето кога била суспендирана во петто одделение затоа што на своите соученици им дала одговори на прашањата од тестот.
-И моите родители не рекоа: „Ах, таа не го заслужува тоа“. Ниту, пак, ми дозволија да бидам дома за тој период, а не на училиште. Всушност, ме пуштија да седам таму во притвор и да се чувствувам непријатно. Така, мислам дека учењето од неуспехот е всушност вредна алатка што не можете да им ја одземете на децата, нели? Им негирате нешто важно ако не им дозволите да ја чувствуваат непријатноста од нивната постапка.
Витерспун е мајка на ќерката Ава (24) и синовите Дикон (19) и Тенеси (11). Таа вели дека кога Ава била трето одделение, била дел од кошаркарскиот тим на нејзиното училиште и била разочарана што не постигнала ниту еден поен во текот на натпреварот. Така таа разговарала со својата ќерка за тоа, без да го „разубавува“ моментот. „Знам. Знам, тоа е навистина лошо чувство“, ѝ рекла на својата ќерка. „Знаеш што, можеби едноставно не си добра во кошарка?“ Ава тогаш била вџашена, како што споделила Рис и зачудено ја прашала: „Што? Сакаш да ми кажеш дека не сум добра во нешто?“, ја прашала Ава.
„Многу е важно да научиш дека не си добар во нешто“, ѝ рекла таа, објаснувајќи зошто сака да биде искрена со своите деца.
Витерспун признала дека тоа било многу тешко за неа, но сепак знаела дека таквото постапување во тој момент било најдобро. „Мислам дека за нас, како родители, најтешкиот дел е да процениме кога неуспехот е соодветен за возраста. Затоа треба да интервенираме кога нивните мали рачиња не можат правилно да сечат, на пример. Треба да им помогнеме да ја развијат својата моторика. Значи, интервенирањето врз одредени работи на рана возраст е сепак различно“, објаснила таа.
Важно е да се запамети дека кога им дозволуваме на нашите деца да не успеат, тоа не значи дека ги напуштаме и ги оставаме сами да се борат. Сѐ уште можеме да им обезбедиме емоционална поддршка и водство додека им дозволуваме да ги научат тешките, но неопходни лекции во животот. На долг рок, тоа им помага на нашите деца да се движат низ светот кој постојано се менува, а истовремено да градат свои стратегии за справување.
Автор: Наташа Крстичевиќ