Откако холандската влада препорача паметните телефони да се исфрлат од училниците, училиштата ја прифатија иницијативата, а резултатите се изненадувачки позитивни.
Ново истражување покажува дека учениците сега се пофокусирани, почесто комуницираат лице в лице, а резултатите во наставата бележат подобрувања.
Повеќе од две третини од средните училишта бараат учениците да ги остават телефоните дома или да ги заклучат во шкафчиња. Во некои училишта телефоните се одземаат пред час и се враќаат дури по завршувањето на наставата.
Истражувањето, нарачано од холандската влада, опфати повеќе од 600 директори, наставници, ученици и родители. Поголемиот дел од испитаниците се согласија дека учениците се поконцентрирани, атмосферата е поздрава, а меѓучовечките односи се поквалитетни.

– Учениците повеќе не можат тајно да снимаат и да го споделуваат тоа на социјалните мрежи. Тоа создава поголема социјална сигурност. На одморите разговараат, се смеат… И да, понекогаш се караат, но тоа е дел од нормалната социјализација – објаснува д-р Александер Крепел од Институтот „Констам“.
Иако спроведувањето на забраната на почетокот предизвика отпор и сомнеж, повеќето наставници и родители денес се задоволни. Претставничката на средношколскиот совет, Фреје Сиксме, вели дека стравовите се покажале како неоправдани.
Имајќи ги предвид овие резултати, холандската влада им препорачува на родителите дополнително да го ограничат користењето на социјалните мрежи дома, особено за деца помлади од 15 години.