Секоја градинка со своја политика

Дали треба да се носи документ во градинка дека детето е здраво, т.е. нема заразно заболување, откако ќе заврши неговото боледување? Но, и каков документ треба да се однесе? Овие две работи често ги збунуваат родителите зашто секоја градинка води своја политика, па од родителите се бараат различни работи, а во некои не се бара ништо. Така некои бараат резултати од брис од нос и грло, други – резултати дури од 2 последователни бриса, трети – потврда од матичниот лекар дека детето е здраво…

Прашавме и во Министерството за труд и социјална политика што треба да бараат градинките.

Позитивен брис не мора да значи дека е болно

– Да се најде бактерија во носот не значи дека детето е болно. Има бактерии што не се отстрануваат, а детето е здраво. Тоа значи дека бактеријата не направила инфекција. Ова е објаснување од матичниот педијатар за тоа зошто нема да даде антибиотици. Тој вели дека детето е здраво. Но тоа не важи за нашата градинка зашто упорно ни бараат резултати од брисеви. Наши пријатели носат потврди. Што им значат брисевите кога детето може да има вирус, да не се најде бактерија, и со вирусот да зарази други деца. Мислам дека мора да се изедначат и да научат што може да се бара – вели Соња П. од Скопје.

Друг родител вели дека докторот што е ангажиран во градинка може да одлучи да побара плус документ, но не може да има генерална политика само тој документ да се носи.

– Нема логика во тоа. Знам дека има многу нечесни родители, ама што ако се работи за вирус? Нема потреба родителите да трчаат и да плаќаат за брисеви. Знаете колкави метежи има по ординациите сега. Плус и не може наставен кадар да си игра лекари – вели тој.

Секоја градинка со различна практика

– Кај нас во градинка не бараат ништо ако детето отсуствувало поради болест. Го примаат регуларно. Брисевите нема да имаат никаква важност оти и да биле негативни, по еден ден во градинка ќе станат позитивни, па не се релевантни. Не се само децата носители на бактерии, и возрасните се – вели А.К. од Скопје.
Родител додава дека по отсуство на детето им бараат потврда дека детето е здраво и може да посетува градинка.

– Ако излезе дека повеќе деца имаат бактерија, може да побараат резултати од брис, но и да не направиш, ако нема симптоми, немаат право да го вратат – вели таа.

Татко коментира дека совесен родител секогаш ја информира градинката за вирус или бактерија.
– Но кај нас има многумина несовесни – додава тој.

Некои родители велат дека им барале дури и два последователни резултати од брис.

Родителите да бидат почесни

Александра Јелиќ, директорка на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, вели дека во оваа градинка се бара потврда од матичен лекар дека детето нема заразно заболување, која матичните не ја наплаќаат.
– Пожелно е да се направи брис ако детето било отсутно подолго време. Апелирам родителите да ги информираат вработените во градинката со што се соочува нивното дете за да се заштитат другите и навреме да се преземат мерки, доколку е потребно – вели Јелиќ.

Што вели законот?

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека согласно член 60, став 10 и став 12 од Законот за заштита на децата, родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето.
– Правата и обврските на градинката и корисниците на услугите се уредуваат со договор, со кој особено се регулираат меѓусебните односи на давателот и корисникот на услугата, квалитетот на услугата, начинот на плаќањето, изборот на програмата, должината на престојот на детето во установата и други прашања во поглед на заштита на детето и дејноста на градинката. Согласно член 172 од Законот за заштита на децата, детската градинка/центар за ран детски развој, заради зачувување и унапредување на здравјето на децата, ја следи дневната здравствена состојба на децата, соработува со установи надлежни за здравствена заштита на децата и спроведува превентивни мерки за заштита на здравјето на децата. Детската градинка/центар за ран детски развој има обврска во случај на појава на нарушување на нормалната здравствена состојба да го извести родителот на детето, а во случај на поголем број заболени деца, веднаш да ги извести надлежната здравствена установа, основачот и Министерството – објаснуваат од Министерството.



912

X