На 34,5 отсто од анкетираните дечињата им пошле во прво одделение, на 16,7 отсто во второ, по 10,3 проценти во трето и во четврто
Без 100 евра не може да ја почнат учебната година една четвртина од родителите на деца што одат во основно училиште, покажа анкетата на Деца.мк. Нова гардероба, чанти или ранци, прибор за пишување, цртање, тетратки…, се дел од листата со потребни работи за училиште. Како завршуваат родителските средби во училиштата, така и се зголемуваат метежите во продавниците. Родителите ни напишаа како го распоредуваат буџетот и како определуваат приоритети.
Своите искуства ни ги напишаа 257 родители од повеќето општини во земјава, а најмногу од скопските. На 34,5 отсто од анкетираните дечињата им пошле во прво одделение, на 16,7 отсто во второ, по 10,3 проценти во трето и во четврто, а останатите во повисоките одделенија од основно.
Над 6.000 денари потрошиле повеќето родители
Според резултатите, 24,8 отсто од родителите потрошиле повеќе од 6.000 денари за она што е потребно за детето за новата учебна година, по 16,7 отсто од 2.000 до 3.000 денари, односно од 3.000 до 4.000 денари. Петнаесет проценти од анкетираните потрошиле од 5.000 до 6.000 денари, а 11,8 проценти од 4.000 до 5.000 денари.
На прашањето како го распоредивте буџетот, во дел од одговорите патиките и ранецот се издвоени како најголем трошок, а потоа и друга гардероба и прибор.
Буџет од пензиите на бабите и дедовците, некои не отишле на одмор…
– Најосновното е купено, допрва следуваат други трошоци – се вели во еден од коментарите.
– Не оди во прво, па знам приближно што треба и од јуни наваму купувам по нешто за да не се собере многу одеднаш – стои во друг.
– Заштедив на последните три плати по 1.000 денари и тоа беше буџетот – вели анкетиран.
– Едвај врзавме крај со крај, за понатаму – боже здравје – коментира читател.
– Ќе почекаат сметките – се вели во коментар.
– Годинава ми е поевтино оти има гардероба што може да ја користи, не мора нова, а и прибор од лани.Школо, комуналии, храна, кредити и остаток за преживување. Ете така сега од септември се распоредува буџетот – вели родител.
– Не отидовме на одмор летово, па така го обезбедивме буџетот – се вели во коментарот.
– Со пензиите од бабите и дедовците успеавме да обезбедиме пари за сè што е потребно за школската година на нашите деца – вели анкетриран.
912