Здравје

Револт поради апликација за слабеење наменета за деца од 8 години

Кога компанијата „WW“, позната како „Weight Watchers“, објавила дека на пазарот ја пушта апликацијата „Kurbo by WW“ , наменета за деца на возраст од 8 до 17 години, не ни сонувала дека на себе ќе навлече огромен бес од корисниците на интернет.

Како што појасниле, програмата „Курбо“, научно докажано, би требало да им помогне на децата на возраст од 8 до 17 години да ги променат навиките.

„Апликацијата нуди советување за здравјето и телесната тежина, а зад неа стои програмата на Универзитетот Стенфорд за педијатриска контрола на тежината“, стои во извештајот.

Меѓутоа, од таа објава „Курбо“ е критикувана од луѓето што сметаат дека охрабрувањето на децата на таа возраст да се стават на диета е опасно и може да има долгорочни последици врз нивното здравје. Користејќи ја ознаката „#WakeUpWeightWatchers“, луѓето почнаа да објавуваат и да образложуваат зошто оваа апликација ја сметаат за загрижувачка.

„На телото што е во развој не му треба слабеење“. „Апликацијата содржи фотографии од деца на возраст од 8 години пред и по диета“. Ова се само дел од коментарите.

„Програмата поставува специфични ограничувања кога е во прашање храната и ја ограничува способноста на детето да научи која храна му се допаѓа, а која не. Со тоа се нагласуваат големината и тежината на телото во период кога тоа не треба да се прави бидејќи децата растат и се развиваат. Ја сметам за непримерна бидејќи кај децата може да предизвика создавање негативна слика за сопственото тело и да ги научи на погрешни вредности“, изјавила диететичарката Трејси Локвуд Бекерман.

Иако е сè поголем бројот на деца со зголемена телесна тежина, во извештајот на Американската академија за педијатрија од 2016 година стои дека поттикнувањето на губење на килограмите кај децата доведува до нарушување на исхраната.

„Родителите треба да се фокусираат на промовирање здрав животен стил, а не да ги тераат децата да држат диета“, се наведува во извештајот.

Со други зборови, иако дебелината може да биде опасна за здравјето на детето, експертите сметаат дека методите за превенција, како оние што ги нуди апликацијата, можат да направат повеќе штета отколку корист.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top