Иако најбитната работа за родителите е детето да им биде во сигурни раце, да им го чува некој компетентен, искусен, образован, професионален, сепак, откако ќе ги исцрпат сите други извори – пријатели, препораки, огласи, лични барања, дури потоа ќе се обратат до агенција за дадилки. Според сознанијата на Асоцијацијата, агенциите се последно место на кое родителите бараат дадилка
Изборот на дадилка е една од најголемите одлуки што ги носиме како родители. Потрагата по дадилка вообичаено е исполнета со многу телефонски повици и јавувања, лични интервјуа, бара многу време и концентрација, што им создава дополнителен стрес на родителите. Ова е особено изразено кога бараме дадилка првпат, односно за првото дете. Понекогаш се одлучуваме да ангажираме некое лице по препорака на блиските, понекогаш бараме услуга од агенциите, а можеме да објавиме и личен оглас.
Како што вели Сања Аризанов, претседателка на Македонската асоцијација на дадилки, без оглед на тоа кој метод ќе го избереме, пред да влеземе во процесот на ангажирање дадилка треба да направиме неколку чекори што ќе ни го олеснат изборот.
Интервјуто со дадилката е интервју за работа
– Напишете сеопфатна листа со сите квалитети кои сакате да ги има вашата дадилка, помлада или повозрасна личност, соодветно образование или лиценца за негувателка, обука за педијатриска прва помош, познавање странски јазици, поседување возачка дозвола.
Направете листа со апсолутни „не“: пушачи, неквалификувани, нефлексибилни во работно време итн. Ова ќе ви помогне веднаш да ги елиминирате кандидатите кои никако не се вклопуваат во вашите очекувања. Направете листа со прашања што ќе ѝ ги поставите на дадилката. Интервјуто со дадилката е интервју за работа, како и секое друго. Семејството е работодавец, а дадилката е потенцијален вработен. Доколку вработувате возач, секако ќе го прашате кандидатот дали и која возачка дозвола ја поседува, колку години вози, дали возел само во земјава или и надвор. Исто така, и на интервјуто со дадилката треба да ги поставите сите прашања: какво образование има, какво ѝ е работното искуство со деца, во колку семејства претходно работела, со која возраст на деца работела, дали има препораки од претходни семејства и дали е во можност да ги достави, детално да опише тек на активности во работен ден со дете на одредена возраст, на кој начин и како ги подготвува оброците за детето, дали има познавања од прва помош за деца, кои методи на дисциплина ги применува, зошто работи како дадилка, што ѝ е најголем предизвик во работењето. Одговорите што ќе ги добиете ќе ви дадат многу појасна слика за каков кандидат се работи и дали тоа е личноста на која би ѝ го оставиле вашето дете – вели Сања Аризанов.
Сања Аризанов
Кога станува збор за цената, таа информира дека трошоците за грижа и нега на деца се секогаш високи, а ангажирањето дадилка никогаш не била најевтината опција.
– Пред да одлучите која е најдобра опција за вашето дете, пожелно е да ги разгледате сите понудени опции и да направите листа „за“ и „против“ за секоја одделно. Цената за ангажирање дадилка е платата на дадилката и зависи од секој поединечен договор – изјави за Деца.мк претседателката на Асоцијацијата на дадилки, Сања Аризанов.
Обврските на дадилката се комплексни и согласно тоа, таа треба да поседува различни вештини, знаења и стручност. Тука се вбројува основната грижа и нега на деца, односно подготовка на АД млеко, стерилизација на шишиња, готвење оброци и хранење. Капење и облекување, менување пелени, пресоблекување. Одржување на хигиената на детето. Заспивање и создавање дневна рутина. Одржување на детските алишта, детската соба и играчките. Како и воспитно-едукативни активности – придружување или носење деца во градинка, училиште и дополнителни активности, учење букви, бројки и бои, подучување на добри манири и друго општествено соодветно однесување, изработка и работа со колаж, пластелин, песок, восок, читање книги. И активности како носење деца во парк, игралиште, музеј, ЗОО. Организирање спортски и други активности за моторни вештини. Прошетки и социјализација со други деца, вели Сања Аризанов.
– Листата со обврски е индикативна и не е конечна бидејќи секое семејство ги утврдува обврските според возраста и потребите на детето – потенцира Аризанов.
Дадилката го чува детето 264 дена
Дадилката е личност која се грижи за нашето дете 8 часа дневно, 5 дена во неделата минимум, 22 дена во месецот, 264 дена во годината. Личност која поминува со нашето дете повеќе време од кој било друг член на семејството. Личност која на детето треба да му овозможи исполнување на основните физиолошки потреби, да го подучи на основна култура, однесување и хигиена, да го научи да игра, да дели, да се социјализира, да зборува, да пее, да се одвикне од пелени, да оди. Личност која треба да му даде на детето нежен и единствен „еден на еден пристап“, а истовремено и авторитет. Личност која ја сака својата работа и се радува на успесите на детето бидејќи ги гледа резултатите на својата работа.
– Дадилката задолжително треба да ги почитува сите принципи и вредности што ги применува семејството во воспитување и одгледување на детето. Секако дека дадилката треба да предлага и да дава идеи, но не треба да ги спроведува на своја рака. Бараме личност, човек, карактер, некој што ќе стане дел од нашето семејство во одреден период од животот. И затоа треба да бараме професионалци, да очекуваме да бидат обучени, да ја знаат својата работа, да ни бидат поддршка. А кога ќе ја најдеме таа личност, да ја почитуваме како човек, како вработен, да ја платиме како што доликува и да ѝ овозможиме да се развива во својата работа – вели Аризанов.
Не закажувајте интервју дома
Родителите што се одлучуваат сами да ангажираат дадилка имаат огромен број празни и промашени телефонски разговори, кои исцрпуваат и уште повеќе вознемируваат.
– Имено, доколку објавите оглас дека барате дадилка, голема е веројатноста дека ќе имате огромен број повици и јавувања, од кои некои навистина ќе ве стават во ситуација да размислувате дали дадилката е добро решение. Следен чекор е закажување интервјуа во кои ги интервјуирате дадилките во вашиот дом, со што ги изложувате вашиот личен простор и локацијата на сосема непознати личности. Покрај тоа, најчесто голем број од закажаните кандидати не доаѓаат на закажаните интервјуа и ви го губат веќе предвидено време за интервју. Некои се јавуваат да презакажат, ги раскажуваат нивните лични проблеми… – ни сподели Аризанов.
Почнете со барање два месеца порано
Доколку веќе сакате самостојно да ангажирате дадилка, таа советува да почнете со барање два месеца пред започнување на ангажманот.
-Објавете јасен и прецизен оглас во кој ќе ги наведете вашите барања и очекувања, работното време, возраста на детето, обврските на дадилката. Барајте кандидатите да ви испратат биографија електронски. Направете селекција од добиените биографии и телефонски контактирајте ги дадилките. Преку телефонскиот разговор обидете се да ги проверите податоците во работната биографија. Дадилките што имаат работно искуство прашајте ги дали имаат препораки од претходните семејства и дали би ви ги доставиле на увид (или контакт-броеви од претходни семејства). Закажете интервју само со кандидати што ги поминуваат првичните критериуми – објаснува таа.
Дадилка преку агенција како крајно решение
Многу семејства како побезбеден начин при селекцијата на дадилка одлучуваат да побараат помош и да ангажираат дадилка преку агенции. Агенцијата ја врши целосната услуга и ги претставува кандидатите одбрани во согласност со потребите на семејството. Агенцијата нуди сигурност зашто најчесто родителите добиваат позната и проверена дадилка. Покрај тоа, регистрираните агенции имаат осигурителна полиса за бизнис, со која се покриваат сите евентуални ризици.
– Улогата на агенцијата е да ви овозможи едноставен и смирен процес на селекција на дадилката. Агенцијата врши проверка на биографијата на дадилката, кривичното досие и дотогашното искуство со проверка на референции. Покрај тоа, агенцијата прави опис на работното место со прецизирање на работните обврски на дадилката и структурирање на денот – посочува таа.
Според сознанијата на Асоцијацијата, агенциите се последно место на кое родителите бараат дадилка.
– Откако ќе ги исцрпат сите други извори – пријатели, препораки, огласи, лични барања, дури потоа ќе се обратат во агенција. Во Македонија работењето на агенциите е пропишано со Законот за заштита на деца. Според овој закон, агенциите задолжително се регистрираат и се основаат со дозвола и решение од Министерството за труд и социјална политика. Регистрираните агенции се јавно објавени на веб-страницата на Министерството. Агенциите што не се регистрирани според Законот не даваат никаква правна, морална и етичка сигурност ниту за клиентите ниту за дадилките. Ангажирањето вакви агенции претставува голем ризик за родителите – објаснуваат од Асоцијацијата на дадилки.
912