Игротека

Ретки особини што го дефинираат „златното дете“ во семејството

„Златното дете“ често претставува продолжение на нарцисоидниот родител – идеализирано дете што ги отелотворува сите посакувани особини на родителот. Уште од најрана возраст тоа дете се учи дека мора да тежнее кон совршенство, како што тоа го замислува родителот.

Истражување објавено во списанието „Интернешнл журнал оф сајколоџ енд сајколоџикал терапи“ покажува дека нарцисоидноста на родителите е поврзана со депресија и анксиозност кај децата, а врската меѓу нив се базира на стилот на воспитување. Границите меѓу родителот и детето стануваат нејасни, а детето не успева да развие сопствен идентитет. Така се создава „златното дете“.

Иако верува дека е посебно, „златното дете“ често не знае зошто се чувствува така. Длабоко во себе тоа посакува да биде прифатено со сите свои мани, слабости и доблести, наместо да добива пофалби за идеализирана слика што не може реално да ја достигне.

Ова се седумте ретки особини што, според психологијата, го дефинираат „златното дете“

Има натпреварувачки дух

„Златното дете“ ги одразува амбициите на нарцисоидниот родител. Тоа е силно натпреварувачки настроено и секогаш сака да биде најдобро. Во ваквите семејства децата постојано се споредуваат и се поттикнуваат на натпревар. Самодовербата му зависи од надворешни признанија: успеси, пофалби и титули.

Вредно и посветено на учењето

За разлика од другите деца, „златното дете“ ужива во училиштето и натпреварите. Образовната средина му е омилено место, а натпреварите му се предизвик во кој најдобро се снаоѓа. Поради тоа, честопати станува миленик во одделението и пример за другите.

Ги следи родителските правила

Додека повеќето деца се спротивставуваат на контролата, „златното дете“ ги доживува родителските правила како апсолутни. Не ги преиспитува нивните одлуки и често ги потиснува сопствените желби за да ги исполни нивните очекувања. Ваквиот пристап го отежнува емоционалното осамостојување.

Има „корисни“ хобија

За „златното дете“, видеоигрите и телевизијата не се приоритет. Наместо тоа, сака активности кои го развиваат: читање, спорт, музика, цртање или други креативни хобија.

Друштвено е и комуникативно

„Златното дете“ често привлекува внимание. Вешто комуницира, знае да убеди, но и внимателно избира кои информации ќе ги прифати. Добро се снаоѓа во спортови и игри на отворено, и лесно се поврзува со другите.

Чувствително е на критики

Иако верува дека е посебно, тешко прифаќа критики. Често реагира пречувствително и се повлекува кога ќе добие забелешка. Неуспехот му создава силен внатрешен притисок.

Тежнее кон совршенство

Уште од мали нозе, „златното дете“ сака сè да биде совршено – од облеката до собата, домашните задачи и други работи. Кога не може да ги исполни сопствените нереални очекувања, станува фрустрирано. Истражувања покажуваат дека емоционалната уцена и условувањето со љубов создаваат две форми на перфекционизам: самокритичен и нарцисоиден.

Кога „златното дете“ ќе порасне

На површина, ова дете изгледа совршено: одлично, послушно, секогаш подготвено да им угоди на другите. Но, зад таа слика се крие кревка личност. Кога ќе пораснат, овие деца често имаат тешкотии со оформувањето сопствен идентитет, не се снаоѓаат при донесување одлуки и се повлекуваат кога ќе се соочат со предизвици.

Здрави родители градат однос со детето базиран на емпатија, разбирање и отвореност. Наместо со срам, уцени или манипулации, тие го поддржуваат развојот на емоционално сигурни деца, кои полесно се справуваат со животните предизвици.

Психолошки и емоционални проблеми што можат да се појават кај возрасното „златно дете“:

Пречувствителност на критики;
Параноја и опсесивно однесување;
Нејасни граници во односите;
Прекумерна потреба да им угодува на другите;
Тешкотии при донесување одлуки;
Потреба за внимание;
Лошо соочување со проблеми;
Емоционална дистанцираност и неможност за длабоки врски;
Манипулативност;
Непријатност во неизвесни ситуации;
Развивање нарцисоидни црти.

Дали „златното дете“ може да стане нарцисоиден возрасен?

Зависи од отпорноста на детето, но да, може. Иако добива најмногу внимание, „златното дете“ истовремено ги впива и емоционалните рани од родителот. Тоа е последица на фаворизирање во семејството, кое не влијае само врз него, туку и врз неговите браќа, сестри и целата семејна динамика.

Како родител, најмалку што можете да направите е да му овозможите на детето простор за самостојност и слободно изразување.

И како што рекол германско-американскиот психоаналитичар Ерик Ериксон:

– Родителите не треба само да поставуваат забрани и дозволи, туку и да му пренесат на детето длабока, речиси физичка сигурност дека она што го прави има смисла.

Извор

Поврзани написи

To top