Едно семејство било згрозено од постапката на персоналот од еден ресторан кој ги обвинил дека се „лоши родители“. Згора на тоа, им ја зголемил и сметката затоа што децата се однесувале недолично.
На платформата „Редит“ било објавено известување од ресторанот „Токоа Риверсајд“ во државата Џорџија, каде што јасно било наведено дека се наплаќа такса од 3 долари или 2,83 евра по дете кое недолично се однесува.
Според прегледите на интернет, ресторанот ја наплаќа таксата веќе некое време, а нивната политика сега повторно разгоре дебати на социјалните мрежи.
„Не одете овде ако имате деца. Бевме тројца возрасни, две деца и едно четиримесечно бебе. Кога влеговме, чудно нѐ погледнаа. Подоцна жена ми го носеше бебето в раце за да го успие (не плачеше), а потоа ѝ пријде менаџерот и ѝ рече дека тоа не треба да се прави во луксузен ресторан и ја турна нашата количка. И храната не е многу добра“, напишал еден посетител.
„Ни пријде сопственикот и рече дека мораме да платиме 47 евра поради однесувањето на нашите деца. Децата гледаа во таблет додека не дојде храната, го јадеа оброкот, а сопругата ги извади надвор додека јас плаќав. Разочаран сум од искуството“, рекол друг.

„Ако имате деца, избегнувајте го ова место по секоја цена“, предупредува трет.
„Најгрубиот сопственик на ресторан што постои, направи сцена и ни рече дека треба да одиме во ресторани за брза храна и дека сме лоши родители. Страшно однесување, никогаш нема да се вратиме назад“, додал четврти посетител.
Ресторанот наведува дека претпочитаат готовина наместо картички, а оние што не плаќаат со готовина наводно се „казнети“ и со дополнителни давачки.