Дали вашето дете е опседнато со награди? Постојат неколку стратегии што може да ги оттргнат децата од прашањето „А што добивам јас?“ – кога очекуваат пофалба или пари за што и да направат.

„Што добивам ако го направам тоа?“
„Колку пари ќе ми дадеш?“
„Зошто да го направам тоа ако не ми платиш?“

Сте ги чуле овие реченици од вашите деца? Ако е така, шансите дека вашето дете е дел од епидемијата на деца „опседнати со награди“ се големи. Во превод, децата очекуваат секакви пофалби и награди за сето она што ќе го завршат како задача.

Секако дека сакаме нашите деца да успеат и задоволни сме кога бележат успеси. Затоа ги наградуваме, за добрите резултати постигнати на тестовите, победа на спортски натпревар и слично. Но, внимавајте: сите тие награди може да ви се вратат како бумеранг и да имаат последици. На крајот на краиштата, нашите деца треба да научат да сметаат сами на себе, а не секогаш на родителите. Една од најважните цели на родителите треба да биде токму тоа – децата да научат да постапуваат без помошта од родителите, односно да стекнат независност.

Ако вашето дете страда од „Што добивам јас?“ – синдромот, следете ги следните стратегии. Преку користењето на овие родителски тајни ќе му помогнете на вашето дете да престане да очекува награди и дека треба добро да заврши одредена задача во секој случај, односно без да очекува нешто за возврат, бидејќи така е правилно.

Заземете став и бидете посветени

Првиот чекор е едноставен: Не давајте материјални награди, трофеи или пари за сè и сешто. Заземете цврст став по тоа прашање. Очекувајте детето да ви помогне дома и да бележи добри резултати на училиште. Тоа е единствениот начин детето да стане независно, како и самото да се мотивира и да се потпре на себе.

Тврдете го она што го гледате

Следниот пат кога вашето дете ќе направи нешто добро, не отворајте го паричникот. Наместо тоа, дајте едноставно тврдење, без осудување:

„Го возеше велосипедот сам!“ или „Леле, навистина си се потрудил околу овој есеј. Браво за тебе!“, или едноставно кажете „Браво, успеа!“

Поставувајте прашања за да ја зголемите внатрешната гордост

Наместо да бидете толку насочени кон форсирање на детето, дознајте што е она што му се допаѓа во врска со извршената задача. Поентата е да ја негувате внатрешната мотивација на детето.

Заменете го „јас“ со „ти“

Еден од најлесните начини да се оттргнат децата од постојаното очекување и барање награди е едноставно да го замените „јас“ со „ти“. На пример:

Тврдење во кое фокусот е на „јас“: „Навистина сум горд/а на тешката работа што ја заврши денеска“.
Тврдење во кое фокусот е на „ти“: „Сигурно си многу горд/а на тешката работа што ја заврши денеска“.

Охрабрете го да ги признава своите успеси

Посочете го она што детето правилно го направило, а потоа потсетете го дека треба и самото да се вреднува за својот труд. Да претпоставиме дека вашиот син не може да биде фер спортист кога ќе изгуби во фудбал. Овој пат навистина се потрудил да не ги обвинува другите за својот пораз. Во приватен момент, охрабрете го да ги признава и своите успеси: „Навистина се потруди да не кажеш ништо негативно за другиот тим денес. Се сети ли да си кажеш себеси дека направи добра работа?“

Вашето дете нека води дневник на постигнати успеси

Стејси Овенс, мајка на четири деца од Канзас Сити, САД, сподели со мене друг начин да им се помогне на децата да го подобрат своето однесување. Таа на сите деца им дава мал дневник. Барем еднаш неделно бара од секое дете да потроши неколку минути во пишување (или цртање) на неговите успеси.

Мајката, исто така, објаснила дека им рекла на децата оти вистинската дефиниција за успех е зборот „добивка“. Станува збор за секое подобрување – мало или големо – кое детето смета дека го направило. Оваа рутина им помогнала на нејзините деца да препознаат дека имаат контрола над сопствените животи и да ја градат самомотивацијата.

Самомотивацијата се развива полека, но може да им се помогне на децата да го остварат тоа преку начинот на кој родителите реагираат на нивното однесување.

Следниот пат кога вашето дете ќе заслужи признание, вреднувајте го неговиот успех и труд: „Одлично. Сигурно си многу горд на сето она што го сработи!“ Вреднувајте го процесот на обидување и вложен труд на детето, а не крајниот резултат. Потоа насмејте се, потапкајте го детето по рамо и не отворајте го вашиот паричник.

Автор: д-р Мишел Борба



912

X