Воспитување

Решавање конфликти помеѓу родителите и децата преку емоционална свест

Конфликтите се неизбежен дел од секоја релација и однос, но начинот на кој ги решаваме може да ги зајакне или ослабне меѓучовечките релации. Емоционалната свест, способноста да ги препознаеме, разбереме и да управуваме со сопствените емоции, како и да ги слушнеме емоциите на другите, е од суштинско значење за конструктивно решавање на несогласувањата.

Првиот чекор во решавањето на конфликтот е препознавањето на сопствените емоции. Често, во расправиите, реагираме импулсивно, водени од лутина, болка или фрустрација, без да застанеме да признаеме што всушност чувствуваме. Наместо да дозволиме нашите емоции да нè преплават, корисно е да застанеме и да препознаеме што стои зад нашиот емоционален одговор, без разлика дали станува збор за чувство на неправда, страв од отфрлање или потреба да бидеме слушани, страв дека не сме доволно добри родители, страв од неуспех итн. Како сопствените, така и слушањето на емоциите на детето е еднакво важно. Кога ја гледаме детската личност низ призмата на нејзината емоционална позиција, поголема е веројатноста да пристапиме кон конфликтот со разбирање, а не со осудување.

Емпатичното слушање, без прекинување или наметнување на сопствените ставови, му овозможува на детето да се чувствува разбрано, што ја намалува тензијата и отвора простор за дијалог и разбирање. Кога ќе забележите дека детето ве лаже, само помислете на тоа како реагирате во конфликтни ситуации и од каква ваша реакција тоа се плаши. За да не се повторат тие реакции, детето ги избегнува со лажење, т.е. искривување на вистината.

Начинот на кој комуницираме при конфликт може да биде клучен. Наместо да користиме обвинувачки изјави („Никогаш не слушаш!“), покорисно е да користиме „јас-пораки“ („Се чувствувам неважен кога не обрнуваш внимание на она што го кажувам“). Овој начин на изразување ја намалува одбранбената позиција на другото лице и овозможува фокусот да се префрли на решавање на проблемот, а не на меѓусебно обвинување.

Автор: м-р Христина Стефановска

Поврзани написи

To top