Како прекумерната изложеност на слики со банкноти и среќни потрошувачи не би предизвикала зголемена непријатност, не би ги разгорела желбите и фрустрациите кај младите на кои им недостигаат пари?
Со посредство на „среќните“, поттикнувачки реклами, телевизијата има најголемо влијание врз насилството кај младите, а не, како што понекогаш се тврди, преку медиумската инфлација на крвави слики. Да се потсетиме дека американските деца во просек гледаат околу 40.000 спотови годишно. Во часовите на најголемата гледаност телевизиските канали емитуваат над петнаесет минути реклами на час. Насекаде игрите за пари поттикнуваат фантазии за богат живот, насекаде филмовите и сериите ги прикажуваат начините на живот на средните класи. Оттука, како претераната изложеност на слики на пари и среќна потрошувачка да не предизвикаат зголемена непријатност меѓу исклучените, да не ги раздразнат желбите и фрустрациите на младите на кои најмногу им недостигаат пари? Изобилството од насилни фотографии и слики помалку поттикнува вистинско насилство отколку расчекорот меѓу реалноста и она што е спектакулизирано како идеален образец, јазот меѓу поттикнувањето на потрошувачката и нејзините реални застои.
Хиперпотрошувачката е поврзана со нарушувања во однесувањето
Далеку од тоа дека новата несигурност и заострувањето на општествената нееднаквост можат сè да објаснат. Познато е дека, во основа, за развој на современото насилство заслужни се малолетниците и младите во најраните години од зрелост кои потекнуваат од сиромашни средини: од крајот на 70-тите години бројот на малолетници против кои е поведена постапка против насилно однесување е зголемен за четирипати. Тешко е овој факт да не се доведе во директна врска со распаѓањето на семејствата, губењето родителски авторитет, пропусти во воспитувањето, од што произлегува поткопување на чувството за граници, правила и забрани и младина која сè повеќе е препуштена сама на себе и која лишена од ориентири, покажува ниска способност да ги издржи фрустрациите и стегите. Усогласеноста на феноменот е вџашувачка: паралелно со разградувањето на колективните рамки и деинституционализацијата на семејството, сведочиме на дерегулација на однесувањето на малолетниците. Спиралата на насилството кај младите покажува пукање на семејната контрола и прописите на заедницата, како и нова психичка економија која се карактеризира со недостиг на симболички граници, укинување на инхибиции, снижување на прагот на толеранција на фрустрации: толку нарушувања во функционирањето кои се тесно поврзани со либералното општество на хиперпотрошувачка. Слабеењето на општествените и семејните правила и индивидуализацијата на младите водат кон оваа ситуација: помлади и понасилни деликвентни малолетници во општество обележено со чувство на несигурност и барања за построги казнувања.
Насилството кое се шири не е само механичка последица на либералното разградување на структурите, туку исто така е еден од начините кои младите од исклучените квартови ги употребуваат за да се афирмираат, да се наметнат на другите, да го компензираат својот неуспех во училиштето, да ја надвладеат својата социјална инфериорност. Во мерка во која семејните правила и правилата на заедницата се раздвојуваат, поединците треба да се самодефинираат, да изградат сопствен идентитет избирајќи референцијален образец во моментот кога економскиот поредок им наметнува невработеност и економска несигурност.
Кога перспективите за иднина се затворени, се јавува очајот
Кај некои, индивидуализмот се остварува во себеиспитување, во барањето право на сопствен идентитет и субјективно повторно присвојување на традицијата. Кај други, тој е олицетворен во насилство како начин на остварување статус, да се стане „некој“, да постои по секоја цена во туѓите и во сопствените очи. Во хиперпотрошувачкото општество насилството не се гради според традиционалната постапка: тоа функционира час како инструментална стратегија за присвојување на материјални добра час како вектор на лична сингуларизација која го свртува неуспехот во себевреднување. Кога перспективите за иднина се затворени, кога недостига учество во владејачкиот начин на живот и кога нивото на толеранција ќе падне на ниво на фрустрација, насилството овозможува „очајот“ да се преобрази во субјективна афирмација, во „лична карта“ која е извор на уважување и награда во одредени средини.
Извадок од книгата „Парадоксална среќа: Увид во хиперпотрошувачкото општество“ (Le bonheur paradoxal. Essai sur la société d’hyperconsommation) од Жил Липовецки