Иако ги освои Холивуд и деловниот свет, Рис Витерспун, дури и по 26 години откако првпат стана мајка, се потсетува колку била тешка нејзината битка со постпородилната депресија. Во неодамнешно интервју за „Харперс базар“, каде што беше прогласена за една од жените на годината за 2025, таа призна дека борбата со анксиозноста и депресијата била навистина страшна.
– Беше многу лошо. Во првите шест месеци бев истовремено и среќна и депресивна. Постојано плачев, не спиев со ноќи и бев преморена – вели таа.
Актерката, која е мајка на три деца, објасни дека симптомите не се појавиле само веднаш по породувањето, туку и неколку месеци подоцна, кога престанала да ги дои децата – хормонална промена на која не ѝ се посветува доволно внимание.
Хормонален шок и општествен притисок
Рис опишува дека доживеала нагло опаѓање на хормоните веднаш по раѓањето, а потоа повторно по шест месеци кога завршила со доењето. Таа истакна дека на младите мајки им е исклучително тешко бидејќи постојано се изложени на туѓи мислења за тоа како треба да се однесуваат, како да се породат или како да ги хранат своите бебиња.
Иако со помош на пријателка успеала да дојде до професионална медицинска помош, актерката е свесна за својата привилегирана позиција.
-Имав врски и средства да стигнам до лекар и специјалист за ментално здравје, но многу луѓе го немаат тоа. Тие се борат сами и го кријат својот проблем – вели Витерспун.
Различни искуства со секое дете
Ова не е првпат актерката да зборува за своите ментални предизвици. Претходно има изјавено дека постпородилната депресија кај неа се манифестирала различно по секое дете. По едното раѓање имала блага форма, по другото имала толку тешка депресија што морала да зема силни лекови бидејќи не можела разумно да размислува, додека по третото дете воопшто немала никакви симптоми.
– Чувствувам длабоко сочувство за жените што поминуваат низ тоа. Постпородилната депресија е многу реална состојба – додаде таа.