И покрај советите да ги вакцинираат децата, некои родители одлучиле да ја одложат вакцинацијата
Родителите да не ги одложуваат вакцините за нивните деца што се по редовниот календар за имунизација и покрај пандемијата, препорачуваат педијатрите. Тие велат дека од досегашното искуство во третман и на ковид-пациенти и на деца што се заразиле со коронавирусот, оние деца што редовно ги примаат вакцините од редовниот календар за имунизација имаат посилен имунитет и тоа им помага да не се заразат со коронавирусот, а ако сепак се инфицираат, болеста кај нив може воопшто да не се појави.
– На деца што редовно ги примаат сите вакцини им е зголемен имунитетот и веројатноста тие да се разболат од Ковид-19 е многу мала, а и да се случи да се заразат, најчесто минуваат без симптоми. Затоа и на моите пациенти, но и на сите други постојано им кажувам да не го одложуваат вакцинирањето, а ваква препорака има и од Светската здравствена организација – вели д-р Лилјана Којиќ, педијатар, која работи како матичен лекар.
Д-р Лилјана Којиќ
Децата што заболеле од Ковид-19, објаснува д-р Којиќ, најчесто минуваат со лесна клиничка слика, но тоа им го ослабува имунитетот и тие се поподложни на други вирусни и бактериски инфекции.
Таа вели дека ако на почетокот на пандемијата повеќето нејзини пациенти редовно ги носеле децата на вакцинација, во последно време забележува дека дел од нив сами одлучиле да ги одложат и дека тој број се зголемува. Д-р Којиќ апелира оваа практика да се напушти бидејќи во ситуација на пандемија на коронавирусот не е потребна уште една епидемија, предизвикана од нередовно вакцинирање.
– И покрај советите да ги вакцинираат децата, некои родители одлучиле да ја одложат, и најчесто одложувањето е за вакцината против мали сипаници или МРП-вакцината. Сè почесто имам родители кои доаѓаат во ординација и бараат да им издадам потврда дека постои медицинска оправданост за одложувањето на вакцината бидејќи за упис во градинка или за остварување на некое право, како на пример за надомест за трето дете, им бараат и вакцинален статус. Од вакциналните пунктови не можат да им издадат потврда дека се вакцинирани бидејќи не се, и доаѓаат и бараат потврда од матичниот лекар дека има медицинска индикација за одложувањето. Не знаат дека матичните лекари не издаваат вакви потврди, туку Клиниката за детски болести – вели д-р Којиќ.
Таа објаснува дека кога има медицинска оправданост и препорака од Клиниката за детски болести, самите матични лекари им советуваат на родителите да го одложат вакцинирањето, но таквите случаи се многу малку на број.
– Во последно време ваквите барања од родители зачестија, особено за МРП-вакцината. За да не се случи среде пандемија на коронавирус да имаме уште една епидемија и практично да ги поништиме добрите резултати од претходната епидемија со морбили, кога за рекордно кратко време без вакцинирани многу деца, апелирам до сите родители да не се плашат и да не ја одложуваат вакцинацијата – вели д-р Којиќ.
912