однесување Прашај психолог

Речиси три недели неконтролирано ги врти очите настрана и го прочистува грлото… Каде да побараме помош?

ПРАШАЊЕ: Моето дете, момче на 7-годишна возраст, речиси 3 недели неконтролирано ги врти очите настрана. Во првите две недели тоа се случуваше по 7-8 пати на ден, но во последниве два дена е речиси постојано, придружено со звук на прочистување на грлото. Го оставивме одреден период, мислевме дека е нешто минливо, но има влошување. Каде најпрво да побараме помош и како да постапиме?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Би било добро прво да посетите педијатар за да се исклучат какви било органски причини (проблеми со видот, со очите, воспаление на грлото или невролошки фактори). Вашето дете се соочува со овие моторни повторувачки, ненадејни и многу брзи движења кои се нарекуваат тикови.

Карактеристика на тиковите е нивниот недостиг на континуитет на презентацијата и има периоди од денот кога се отсутни и периоди кога се интензивираат.

Друга карактеристика што ги прави лесно препознатливи е нивното повторување според фиксен и предвидлив модел, како трепкање, собирање на носот, кревање на рамото, ротирање или свиткување на вратот или испуштање звук како да се прочистува грлото. Често се јавува кај момчињата од училишна возраст и типично е за децата кои имаат тенденција да ги потиснуваат своите емоции, кои ретко плачат и кои се емоционално претерано контролирани.

Поврзани се со стресот и анксиозноста, силни емоции и емоционално предизвикувачки искуства. Преку тикови децата изразуваат тензии, конфликти и неискажана агресија што не можат да ја изразат на друг начин.

Тие претставуваат и потреба да се контролираат себеси или да се контролира ситуација во рамките на семејниот систем што се перципира како несигурна или опасна.

Бидејќи не се знак на патологија, тие ја изразуваат посветеноста на дете кое расте и се обидува да даде сè од себе додека се соочува и со долгорочен напор, како што се домашни задачи, управување со социјални односи со другарчињата или почитување на некои нови правила утврдени од родителите. Тикот, во суштина, е израз на состојба на тензија кај детето кое расте.

Би било добро детето да не се кара и да не се бара од него прекине со таквото однесување или, пак, да му се даваат упатства да ги контролира, бидејќи тоа нема да доведе до никакви резултати, освен зголемена тензија, можеби дури и фрустрација, што ќе придонесе тие да се интензивираат и продолжат.

Бидете малку посветени, разговарајте за она што му се случува во училиште, со другарчињата и бидете му позитивна поддршка на своето дете. Размислете каков е вашиот однос со вашето дете.

Тиковите често претставуваат значителен извор на вознемиреност и за детето и за вас, родителите, т.е. за вашето семејство, и тие можат негативно да влијаат врз емоционалниот развој и да ја нарушат самодовербата.

Доколку тиковите не се повлечат спонтано со текот на времето и продолжат подолг период, важно е да се побара помош каде што детето ќе може да научи како да ги изрази своите тензии и внатрешни конфликти, а воедно и вие да добиете совети како да го поддржувате и охрабрите низ тој процес.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top