Воспитување

Речиси секој нов родител има наметливи мисли, а 80 проценти признаваат дека замислуваат случајна смрт на своето новороденче

Мало бебе, сосема нова улога во животот, основање семејство, љубов, љубов, љубов. Тоа е сликата што ја имаме за првите месеци од родителството. Кога стануваме родители, сè е некако меко, нежно, прекрасно, се поврзуваме, го доживуваме она што ќе прерасне во прекрасни спомени… И сè е точно така само во филмовите кои не ја прикажуваат вистинската слика.

Вистинската слика е многу поинаква од тоа. Стрес, хаос, незнаење и сто прашалници. А потоа има – речиси без исклучок, наметливи мисли. И за да биде уште полошо, тоа се најчесто мисли за повредување или дури и убивање на бебето. Ова го покажала студија објавена во „Комјунити ментал хелт журнал“, која покажала дека 96 % од новите родители доживуваат барем една наметлива мисла во 12-те месеци по раѓањето на бебето.

Речиси 91 % од родителите рекле дека овие мисли им предизвикуваат непријатност. Најчестата наметлива мисла, кај 93,4 % од учесниците, е стравот дека нивното бебе може да престане да дише. Но, истражувачите исто така откриле дека 46 % од родителите имале мисли да му викаат на своето бебе, да го тресат или удрат, а речиси 9 % имале мисли намерно да го удават своето бебе. Ова се резултатите од анкета спроведена на 349 родители во Обединетото Кралство, реализирана од истражувачи од Универзитетите „Ист Англија“ и „Кембриџшир“ и Фондацијата „НХС“ во Питербороу.

Водечката авторка на студијата, д-р Џо Хоџкинс, и нејзините колеги сакале да истражат не само колку се чести овие искуства, туку и колку се вознемирувачки за родителите што ги имаат. Наметливите мисли не се намерни. Наметливите мисли се непријатни, несакани ментални слики или идеи што се појавуваат во главата на една личност без предупредување. Тие не се желби или намери, а имањето такви мисли не значи дека родителот претставува каков било ризик за своето дете.

Претходните истражувања не пронашле врска помеѓу таквите мисли и зголемениот ризик од вистинска штета, кога станува збор за родителите и новороденчињата. Сепак, фактот е дека таквото искуство може да биде навистина вознемирувачко. Во претходно споменатата студија дури 94 % од родителите рекле дека овие мисли им се појавуваат секој ден. Речиси 63 % сметале дека овие мисли се мешаат во нивното секојдневно функционирање, а само 13,5 % сметале дека имаат целосна контрола врз нив. Содржината на овие мисли честопати била страв од престанок на дишењето на бебето и синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња, но честопати биле и многу потемни. Осумдесет и двајца родители се грижеле дека може да го испуштат своето бебе, 77 % замислувале сценарија за случајна смрт, а 73 % имале мисли за задушување. Околу 9 % признале дека имале мисли за прободување на своето бебе, а околу 10 % имале мисли за горење на своето дете со топла вода. Некои се посклони кон психоза.

За време на истражувањето имало цела низа прашања и статистика, но повеќето биле прогласени за безопасни од експертите што ја воделе анкетата. Сепак, околу 30 % од учесниците постигнале „резултат“ доволно висок за да се сметаат за потенцијален ризик од развој на психоза.

Родителите во оваа група имале повеќе наметливи мисли, повеќе стрес, пониска самодоверба во нивните родителски способности и повисоки стапки на депресија и анксиозност. Покрај тоа, студијата открила нешто неочекувано: татковците пријавиле повеќе наметливи мисли, поголем родителски стрес, повисоки резултати за депресија и анксиозност и пониска перципирана родителска компетентност од мајките. Татковците, исто така, имале поголема веројатност да бидат изложени на ризик од психоза.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top