Воспитување

Околу 20 отсто од родителите мислат дека нивното дете е предодредено за професионален спорт, но реалноста е поинаква

Децата често сонуваат за големи работи, интересни професии – од астронаути до професионални спортисти. Како родители, сакаме да бидеме нивни најголеми поддржувачи, навивајќи за секој нивен потег и славејќи ги нивните успеси. Но, понекогаш нашата верба дека детето ќе успее може да создаде непотребен притисок. Две неодамнешни студии ги разгледуваат очекувањата на родителите во детските спортови: едната спроведена од „Токер рисрч“ во соработка со „БСН спортс“, а другата од Универзитетот во Флорида и Државниот универзитет во Охајо. Резултатите покажуваат дека родителите чии деца многу рано велат дека сакаат да бидат професионални спортисти имаат поголема веројатност да веруваат дека тоа всушност ќе се случи. И тука доаѓаме до важна точка – поддржувајте ги соништата, но со реални очекувања.

Малку реалност (без да им ги одземете соништата)

Кога децата се млади и се заљубени во спортот, лесно е да се поверува дека таа страст ќе трае вечно. Особено ако рано покажат талент. Но, сите ние се менуваме, а се менуваат и интересите на нашите деца. Само помислете колку се промениле вашите интереси во последните пет или десет години. Ова е уште почесто кај децата. Иако многу работи се променија во последните две децении, едно нешто останува исто: околу 70 проценти од децата се откажуваат од спортот до 13-годишна возраст.

Причините се движат од притисокот кој го чувствуваат и заморот до губење на забавата во активноста. Децата што сонуваат за професионална кариера се често оние што остануваат. Но, дури и тогаш бројките се мрачни. Само мал процент од средношколските спортисти продолжуваат да се занимаваат со одредениот спорт и на факултет, а уште помалку успеваат да стигнат до професионалниот спорт.

Како да го поддржите вашето дете, а да не го оптоварувате

Поддршката е важна, но со реални очекувања. Најчестата причина зошто децата се откажуваат од спортот не е немањето талент, туку фактот дека спортот повеќе не им е забавен. Кога соништата ќе се претвораат во обврска, притисок или идентитет што „мораат“ да го живеат, радоста лесно се губи. Кога велиме дека детето е „родено за нешто“, ризикуваме да го врземе целиот негов идентитет за една улога. А на децата им е потребна слобода да истражуваат, да го променат своето мислење и да го пронајдат она што навистина им одговара.

Студијата покажува дека родителите често ги приспособуваат своите очекувања како што нивните деца растат и како што шансите за врвен резултат стануваат појасни. Значи, повеќето родители со високи очекувања учат пореално да им пристапуваат на спортските амбиции на своите деца.

Како изгледа здравата родителска поддршка?

-Поддржете го сонот, но не зборувајте предвреме за резултатот. Можете да кажете: „Можам да видам колку ти е важно ова“ или „Горд сум на напорот што го вложуваш“, наместо „Дефинитивно ќе бидеш професионалец“. Таа мала разлика во зборовите прави голема разлика во тоа како се чувствува детето во врска со притисокот.

Не брзајте и не паничете. Раниот талент не е добар показател за успех во зрелоста. Легендарната играчка и тренерка Стејси Нувеман-Дениз, американска ѕвезда на софтбол и тренер на Државниот универзитет во Сан Диего, вели: „Ако детето навистина има потенцијал, ќе го достигне. Не треба да го присилуваме во основно училиште.“
-Дозволете му на вашето дете да го гради својот пат. Лесно е сонот на детето да стане наш. Почнуваме да ја замислуваме нивната иднина, нивните успеси, нивните медали. Но, тоа е нивниот пат, а не наш. Нашата улога како родители е да обезбедиме можности, да поставуваме прашања, да бидеме безбедно засолниште кога прават грешки и да им дозволиме на децата сами да донесуваат одлуки. Да, тоа вклучува и грешки. Но, тоа често се најважните лекции.

Она што е навистина важно е децата да можат да сонуваат големи соништа, но исто така им е потребен простор да бидат деца. Без разлика дали еден ден ќе играат пред илјадници луѓе или ќе се откажат од спортот во раната адолесценција, секое дете во одреден момент ја игра својата последна игра. Вредноста на спортот не се мери со титули, пари или успех. Вистинската вредност е во лекциите што детето ги учи: упорност, тимски дух, справување со неуспех, самодоверба.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top