Игротека

Реченици што ги нервираат наставниците: Размислете пред да ги кажете овие работи

Соработката со родителите честопати е потешкиот дел од наставничката професија, дури и од самото подучување на децата. Некои родители сакаат премногу да се вклучат во образованието на своите деца, па неретко ги преминуваат границите на трпеливоста кај наставниците.

Иако родителите треба да бидат партнери во процесот на учење, понекогаш се поставуваат како судии над работата на наставниците. Следните изјави се оние што најмногу ги иритираат просветните работници:

Моето дете е посебно

Малку нешта толку многу ги вознемируваат наставниците како родител кој упорно тврди дека неговото дете е поинакво, подобро од другите или посебно. Секое дете има свои доблести и мани, но ниту едно не е посебно. Сепак, некои родители одбиваат да прифатат дека нивното дете не е некакво чудо од ученик.

Другиот наставник го правеше тоа поинаку

Децата често воспоставуваат блиска врска со некој наставник, па може да им биде тешко да се приспособат на новиот. Но, секој наставник има свој пристап, и тоа не значи дека актуелниот наставник работи полошо. Вакви споредби предизвикуваат непријатност и омаловажување.

Моето дете никогаш не се однесува лошо

Кога наставникот ќе укаже на несоодветно однесување, има родители кои веднаш реагираат со: „Моето дете секогаш се однесува убаво“. Но да бидеме реални, децата се деца. Понекогаш ќе бидат немирни, ќе зборуваат на час или ќе направат нешто непримерно.

Не се согласувам со начинот на кој го предавате тоа

Некои родители премногу се мешаат во наставниот процес, па дури и го критикуваат стилот на предавање. Но, училницата не е место каде што родителите треба да владеат, туку место каде родителот треба да има доверба дека наставникот знае што прави.

Моето дете е многу паметно

Кога ученик ќе добие лоша оценка, дел од родителите веднаш ја префрлаат вината на наставникот, бранејќи го детето со реченицата: „Ама моето дете е многу паметно“. Наместо обвинување, подобро е заеднички да се утврди зошто резултатот е таков и како да се помогне понатаму.

Сигурно не сте го научиле како што треба

Ако детето има проблем со одредена материја или не му оди предметот, некои родители веднаш го обвинуваат наставникот како тој да е единствениот виновник. Но, мотивацијата и трудот кај ученикот исто така играат голема улога.

Моето дете ја зборува вистината

Расправиите меѓу децата се дел од растењето. Сепак, некои родители се подготвени по секоја цена да го бранат своето дете, иако не биле присутни на настанот. Наставниците обично имаат поширока слика и објективен увид во ситуацијата.

Морате да ја смените таа оценка

Оценките се резултат на работа, знаење и залагање. Родител кој инсистира на промена на оценка – само затоа што смета дека неговото дете заслужува повеќе, го поткопува авторитетот на наставникот.

Не го дисциплинирате добро одделението

Наставниците имаат свои начини за одржување дисциплина. Но, кога некое дете ќе се пожали дома, родителите често го доживуваат наставникот како „злобен“ или „нефер“. Наместо веднаш да се поверува во тоа, подобро е да се соберат повеќе информации.

Моето дете не мора да го почитува тоа правило

Можеби најиритирачка изјава е онаа кога родителот тврди дека неговото дете не треба да следи некое правило кое важи за сите. Зад тоа често стои уверувањето дека нивното дете е „над“ другите или страв дека нема да го испочитува правилото.

Извор

Поврзани написи

To top