Генерацијата З е сосема поинаква. Од начинот на кој размислуваат до начинот на кој се однесуваат, не е ни чудо што постојат некои фрази што генерацијата З речиси сигурно нема да им ги каже на своите деца.
Можеби е влијанието на социјалните медиуми, можеби порастот на „нежното родителство“, но факт е дека генерацијата З има сосема поинаква перспектива за родителството. За некои, тоа значи никогаш физички да не се казнува детето. За други, тоа значи никогаш да не им се вика на децата. Постојат голем број фрази што генерацијата З никогаш нема да ги употреби:
„Затоа што јас така реков“
Речиси секое дете ја слушнало оваа фраза барем еднаш – или дома или во училиште. Многу родители сметаат дека кажувањето на оваа фраза автоматски им дава „право“. Некои би можеле да ги наречат пречувствителни, но генерацијата З верува дека децата заслужуваат основно почитување – вклучително и да им се каже зошто нешто е важно.
Истражувањата го поддржуваат овој пристап: децата кои се чувствуваат почитувани и слушнати имаат поголема веројатност да развијат поблиски односи со своите родители. Психологот д-р Џефри Бернштајн вели: „Слушањето на вашите деца поттикнува отворена и искрена комуникација, што води кон попозитивни односи и подобро разбирање едни на други.“
„Престани да плачеш“ или „Сега ќе ти дадам причина за плачење“
Овие фрази се непријатни за повеќето луѓе – многумина ги паметат како дел од закана од детството. Постарите родители верувале дека треба да се користат за да ги „скротат“ своите деца. Но, тој пристап ретко функционирал. Наместо тоа, децата научиле да ги потиснуваат своите емоции.
Истражување покажува дека потиснувањето на негативните емоции не ги елиминира, туку ја намалува способноста за изразување позитивни чувства. На долг рок, ова може да биде штетно за менталното здравје.
„Треба да бидете благодарни“
Многумина ја слушнале оваа фраза: „Треба да бидете благодарни – имате покрив над главата и храна на масата.“ Постарите генерации мислат дека тоа е нормална порака. Но, генерацијата З смета дека е апсурдно да се очекува благодарност за основите на животот. Децата не побарале да се родат и нереално е да се очекува од нив да бидат благодарни за нешто што треба да им биде гарантирано.
Овој став може да доведе до чувство на игнорирање. Децата што се чувствуваат погрешно разбрани од нивните родители често развиваат одбранбени механизми и имаат тешкотии во регулирањето на своите емоции, според една студија од 2019 година.
„Ќе разбереш кога ќе пораснеш“
Нема поголемо разочарување од тоа кога возрасен одбива да му објасни нешто на детето со фразата „Ќе разбереш кога ќе пораснеш“.
-Децата ги следат своите родители многу внимателно и честопати ги познаваат подобро отколку тие нив – вели психологот д-р Карл Пикхарт.
Затоа генерацијата З е поверојатно да каже: „Можеме да разговараме за ова кога ќе пораснеш“, бидејќи тоа не ја намалува способноста на детето да чувствува и разбира, туку едноставно ја почитува соодветноста на темата за возраста.

„Премногу си чувствителен“
Оваа реплика често е придружена со превртување со очите и коментари дека денешните деца се „премногу меки“. Но, ранливоста не е слабост.
-Ранливоста може да изгледа како слабост однатре, но однадвор изгледа како храброст. Ако детето плаче затоа што го доживеало своето прво предавство од пријател, родителот треба да го признае тоа како важен момент, а не да го минимизира – вели второт Грег Левој.
„Не знаеш колку е тешко“
Оваа реплика е разбеснувачка затоа што ги минимизира чувствата на детето. Вистина е дека родителите имаат свои грижи, но децата исто така минуваат низ тешки транзиции – и двете вистини можат да постојат истовремено.
Генерацијата З сака да биде родител кој слуша, не споредува, туку дава поддршка.
„Престани да се глупираш“
Децата можат да имаат напади на бес во продавница или ресторан, и тоа е срамно. Но, родителите од генерацијата З нема да викаат: „Престани да се глупираш“. Наместо тоа, тие сакаат да разберат што стои зад однесувањето – дали детето е гладно, уморно, фрустрирано?
Психологот Џин Твенџ објаснува дека помладите генерации се поиндивидуалистички и помалку се грижат за тоа што мислат другите. Наместо да ги засрамуваат своите деца, генерацијата З се обидува да се справи со причината.
„Изеди сè од чинијата“
Понекогаш децата едноставно не се гладни. Но, старите ставови како „нема да станете од масата додека не изедете сè“ можат да создадат лош однос кон храната. Според истражувањата, принудувањето на децата да јадат го намалува нивниот внес на здрава храна и ја зголемува пребирливоста. Родителите од генерацијата З претпочитаат да ги почитуваат чувствата на ситост и да ги чуваат остатоците од храна за подоцна.
„На другите им е полошо“
Споредбата не е корисна. Иако е вистина дека секогаш има некој на кого му е полошо, тоа не значи дека тагата на детето не е вистинска. Родителите од генерацијата З имаат поголема веројатност да покажат емпатија и да се фокусираат на специфичниот проблем – без да прават споредби што предизвикуваат вина.
Без разлика дали сите се согласуваат со овој пристап, родителите од генерацијата З се чини дека градат темели за поотворена, сочувствителна и безбедна семејна комуникација.