Игротека

Реченица што звучи безопасно, но психолозите ја сметаат за најопасна во родителството

Оваа реченица родителите често ја изговараат автоматски кога нивното дете доживува силен емоционален момент. Можеби детето се сопнало и паднало, се скарало со другарче или едноставно заплакало. Лицето веќе му се менува, а родителот, пред детето воопшто да проговори, вели: „Сè е во ред“.

На прв поглед утешителни зборови. Дури и добронамерни. Но, всушност, не е така. Според Рим Раоуди, водечки експерт за свесно родителство и емоционално здравје на децата, таа фраза може да има долгорочни негативни последици кои повеќето родители воопшто не ги препознаваат. Токму затоа што звучи безопасно, се смета за најопасна родителска реченица. Еве зошто, и што да кажете наместо тоа.

Ги учи децата да се сомневаат во сопствените емоции

Кога детето е очигледно вознемирено и слуша „Добро си“ или „Сè е во ред“, пораката што ја прима е збунувачка: „Она што го чувствувам не е вистинито.“ Со текот на времето тоа може да доведе до отуѓување од сопствените чувства и губење доверба во сопствениот инстинкт.

Го минимизира нивното искуство

Иако родителите ја изговараат оваа фраза од љубов, детето често слуша: „Твоите чувства не се важни.“ Дури и благо потценување на доживеаното може да создаде впечаток дека утехата и блискоста се резервирани само за „смирени“ деца. Така започнува емоционалното потиснување.

Го прекинува природниот тек на емоционалната обработка

Емоциите треба слободно да течат низ телото. Кога родителите прерано нудат утеха, го прекинуваат процесот во кој детето учи да ги препознае, именува и регулира чувствата. Наместо да развива отпорност, детето учи да ги избегнува емоциите.

Се создава впечаток дека љубовта е условена

Реченици како „Добро си“, „Престани да плачеш“ или „Нема од што да се плашиш“ со време го учат детето дека мора да ги потисне чувствата за да биде прифатено. А кога љубовта почнува да се доживува како нешто што мора да се заслужи, почнува да се распаѓа емоционалната сигурност која е темелот на менталното здравје.

Може да го смени начинот на кој телото реагира на стрес

Детскиот нервен систем се развива преку повторливи искуства. Ако детето не добива поддршка кога е вознемирено, туку доживува одбивање, неговото тело со време учи дека не е безбедно да се изразуваат емоции. Долгорочно, тоа може да доведе до проблеми во поврзувањето, саморегулацијата и чувството на сигурност во сопствената кожа.

Што да кажете наместо „добро си“?

На децата не им треба брзо решение, туку простор да ги почувствуваат своите чувства. И уште поважно, треба да знаат дека е безбедно да искажуваат емоции, особено во присуство на родител.

Еве неколку реченици кои не ги потценуваат чувствата, туку ги поддржуваат и ја зајакнуваат емоционалната отпорност:

„Ти верувам.“
„Твоите чувства имаат смисла.“
„Тука сум, со тебе.“
„Не мора веднаш да се чувствуваш добро.“
„Видов што се случи. Како се чувствуваш?“

Овие реченици не само што смируваат, туку градат и доверба. Го учат детето: „Моите чувства се важни. Можам да си верувам себеси. Не сум сам.“

Овој начин на комуникација бара вежба. Понекогаш родителите пак ќе кажат „Добро си“, и тоа е во ред. Целта на свесното родителство не е совршенство, туку препознавање на образците и свесно избирање реакции што овозможуваат емоционална сигурност.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top