Тиквата се воведува во исхраната на бебето околу петтиот или шестиот месец. На задоволство на многу бебиња, тиквата може да се користи за подготовка и на солени и на благи кашички, за ручек, ужина или појадок.
1. Пире со јаболко и тиква
Во малку вода сварете ситно исечкано јаболко и малку тиква. Пред крајот на готвењето додајте малку пченкарен гриз и варете уште 5 минути. Соединете ги состојките и испасирајте ги за да добиете квалитетна ужина.
2. Кашичка со месо, тиква и зеленчук
Во малку вода сварете пилешки батак (или карабатак), половина парче тиква, малку кромид и компир. Кога ќе биде готово, исечкајте го месото со нож, а зеленчукот испасирајте го со виљушка. Густината регулирајте ја со водата во која се вареше храната. Ова е хранливо јадење кое може и да се блендира доколку возраста на бебето го бара тоа.
3. Кашичка со тиква и просо
Во малку вода сварете три лажици просо и половина парче тиква. Кога ќе бидат готови, додајте една лажичка павлака и малку јогурт за да ја приспособите густината.
4. Пире од зеленчук
Сварете компир, тиква и малку карфиол. Кога зеленчукот ќе омекне, испасирајте го со виљушка и додајте една лажица полномасна павлака. Ова е одлично јадење бидејќи сладоста на тиквата ја неутрализира киселоста на павлаката.
5. Ручек со тиква, компир и жолчка
Во малку вода сварете ситно исечкан компир, а пред крајот додајте исечкани парчиња тиква. Кога ќе се зготват, изблендирајте ги, додајте ситно сечкан магдонос и изгмечете тврдо варена жолчка. (Додајте осмина, четвртина или половина жолчка, зависно од фазата до која сте стигнале со воведувањето на јајцето).
6. Пире од ориз, тиква и блитва
Сварете едно јајце. Во малку вода сварете околу две лажици ориз. Кога ќе зоврие, додајте една рака парчиња тиква сечкана на коцки и гответе додека не омекне. При крајот додајте два листа блитва и варете уште 2-3 минути. Во чинија извадете ја блитвата, половина од оризот и половина од тиквата, па во тоа изгмечете ја варената жолчка.
7. Ручек со боранија и тиква
Сварете неколку парчиња тиква, а кога водата ќе зоврие, додајте една рака замрзната боранија. Пред крајот на готвењето додајте две лажици ориз и варете додека не омекне. На крајот изблендирајте сè заедно со малку маслиново масло. Ова е одлично јадење, особено кога првпат воведувате боранија во менито.