Новороденчето често дише бучно, особено кога спие. Ова можеби звучи како ‘рчење и во повеќето случаи не е знак за нешто опасно, но има ситуации во кои родителите треба да реагираат.

Носните шуплини на новороденчето се многу мали, па дури и малата сувост или вишокот секрет во носот може да предизвика ‘рчење или бучно дишење. Понекогаш, она што звучи како ‘рчење е само нормално дишење на новороденчето. Како што растат, дишењето обично станува потивко. Меѓутоа, ако вашето бебе почне да ‘рчи и има други симптоми, треба да бидете сигурни дека тие звуци не укажуваат на нешто сериозно. Еве ги можните причини за ‘рчењето кај бебињата:

Затнат нос

Бебињата што често ‘рчат едноставно имаат затнат нос. Ако е така, треба да го исчистите и да отстраните сѐ што му пречи на бебето со солен раствор. Како што расте бебето, големината на неговите ноздри се зголемува, а проблемот со ‘рчењето обично се намалува.

Меѓутоа, повремено може и да укажува на сериозен проблем. Ако продолжи и се влоши по плакнење со физиолошки раствор, можеби е најдобро да го снимите звукот на ‘рчењето и да му го пуштите на педијатарот кога ќе го однесете бебето на преглед.

Други причини за ‘рчењето

Гласното ‘рчење може да биде знак за многу работи, вклучувајќи зголемени крајници, аденоиди, девијација на септумот или дури и апнеа при спиење.

Девијација на септумот не е реткост во првите денови од животот на бебето, се јавува кај дури 20 проценти од новороденчињата. Апнеа при спиење е ретка појава и ја доживуваат приближно 1 до 3 проценти од децата, а поверојатно е да се забележи кај деца на возраст од 3 до 6 години.

Дете што ‘рчи, слабо јаде или не се здебелува може да има значителни проблеми со устата, грлото, белите дробови и срцето. Треба да се консултирате со лекар, особено во првата година, бидејќи токму тогаш најчесто се јавуваат проблеми.

Ларингомалација

‘Рчењето кај бебињата може да биде и знак за ларингомалација. Оваа состојба предизвикува омекнување на ткивото на говорниот апарат, односно на гркланот. Структурата на гркланот е деформирана и флексибилна, што предизвикува ткивата да паѓаат над отворот на дишните патишта и делумно да го блокираат.

Оваа состојба обично исчезнува сама по себе од 18 до 20 месеци и не е потребен третман. За бебињата со тешка ларингомалација кои имаат проблеми со дишењето и хранењето, може да се направи операција за да се ослободат од проблемот, но овие ситуации се исклучително ретки.

Последици од ‘рчењето и нередовното спиење на бебето

Бебињата што ‘рчат може да имаат и проблем со спиењето бидејќи често ќе се разбудат поради блокирани дишни патишта. Ова може да им предизвика дополнителни проблеми.

Недостигот на сон може да биде штетен за растот и развојот, а може да биде поврзан и со:

-Слабо зголемување на телесната тежина.
-Однесување слично на растројство на хиперактивност со дефицит на внимание (АДХД).
-Мокрење во кревет.
-Ноќни мори.
-Дебелина.

Децата што ги имаат следните симптоми мора да посетат педијатар:

-Имаат проблеми со ноќното спиење.
-Имаат тешкотии со дишењето во текот на денот.
-Речиси и да не јадат и тешко се дебелеат.
-‘Рчење со долги паузи (повеќе од десет секунди) помеѓу вдишувањата.

Автор: Радмила Илиќ

Извор



912

X