Колку е силен рефлексот на фаќање, можете да согледате при прегледот на лекар – кога педијатарот го крева бебето во воздух додека тоа грчевито се држи за неговите прсти. Овој тест никогаш не треба да се пробува дома бидејќи бебето постепено ја губи оваа способност додека рефлексот слабее, така што на крајот од првиот месец дланките повеќе не се постојано стиснати.
Исто така, не треба да ги ставате прстите во рацете на бебето, иако ова е исклучително пријатно чувство за родителите, бидејќи тоа му предизвикува зголемена напнатост. Таквата состојба не е удобна за бебето и може да се вознемири.
Препорачливо е да го галите бебето за задниот дел од рацете, за да го поттикнете да ги отвори дланките – што, патем, повремено го прави и спонтано. Тоа можете да го направите со едноставно галење, но и со фаќање на рачето на бебето за зглобот, вртење на дланката кон бебето или кон вашето лице и повлекување надолу по образот, за бебето да се гали себеси или вас.
Поминувањето со убави меки ткаенини или кадифени играчки преку горниот дел од дланките на бебето, исто така, прави тоа да ги опушти и отвори рацете.
-Бебето во текот на првиот месец најчесто ги држи дланките затворени, но не постојано стиснати.
-Бебето во вториот месец почнува да покажува интерес за ликот на мајката и за предметите – со пружање на рацете, но бидејќи не може да ги достигне, ги шири дланките.
Совет: Бебето треба да се стимулира со играчки поставени пред него. Најпогодни се меките играчки бидејќи бебето нема да реагира со стегање на дланките кога ќе ги допре.
Развојот на движењето минува низ различни фази. Бебето прво фиксира, па го следи изворот на стимулација и дури потоа ги продолжува рацете. За оваа сложена активност неопходна е стабилност на главата, вратот и трупот.
До крајот на третиот месец исчезнува рефлексното стегање на тупаница и рацете на бебето се сретнуваат пред неговото лице. Во овој период почнува да си игра со прстите, да ги гледа и да ги става в уста. Ова е почеток на запознавање со телото. Поголемиот дел од времето кога е будно, го поминува со двете раце в уста, бидејќи рацете ги носи до средината.
Совет: Ова е важен момент од развојот на бебето и не треба да се нарушува со ставање цуцла во устата или ракавици на рацете. Бебето стекнува важни искуства за себе и за работите што го опкружуваат токму преку устата. Ако му ставите тропалка во раката, тоа ќе ја држи.
Дури на крајот од четвртиот месец бебето првпат самоволно ќе ја зграпчи понудената играчка.
Совет: За да го направи тоа, на бебето треба да му се даде тропалка со полукруг или во облик на обрач, во јасни бои, со покомплексен дезен – и да му се понуди отстрана за да може да ја земе со полуотворена тупаница.
На оваа возраст пожелно е да се закачат играчките пред бебето за да може да ги фаќа и да си игра со нив, бидејќи само со повторување на движењата ќе научи да ги контролира, па со текот на времето движењата ќе станат похармонични.
Кога ќе го ставиме бебето на стомак на оваа возраст, тоа се потпира на подлактниците, со дланките свртени една кон друга и со палците насочени нагоре. Ако палецот останува свиткан кон внатре при фаќање, дефинитивно треба да се консултирате со педијатар.
Во петтиот месец бебето го вежба фаќањето играчки. Тоа го прави сè посвесно, со подобра координација око-рака. Сега палецот е продолжен и учествува во фаќањето. Кога ќе ја фати коцката, ја набљудува и ја поместува на другата рака, што значи дека функцијата за отпуштање е воспоставена. За да може да го направи ова, рефлексот на фаќање мора целосно да исчезне.
Преместувањето играчка од една во друга рака е исклучително важен момент во моторниот развој на детето. Ова значи дека двете половини од големиот мозок функционираат заедно.
Совет: Ако при обидот да фати играчка бебето не може да го стори тоа, задолжително одете на преглед.
На шест или седум месеци бебето треба самостојно да се сврти од грб на стомак. За да го направи тоа, прво треба да почне да ги фаќа играчките преку средината на телото од другата страна. Во обид да се стигне до играчката, тежината на телото автоматски се пренесува настрана, што доведува до вртење. Бебето ја фаќа играчката со целата дланка, ја врти во рацете кон средниот прст и палецот. Ова е последниот момент кога рефлексот на фаќање треба целосно да исчезне.
Совет: Патот од рефлексно фаќање при раѓање, преку некоординирани, до доброволни координирани движења – зависи од моторниот развој на детето, но и од стимулацијата што ја добива од околината. За да можат родителите правилно да го стимулираат развојот на функциите на рацете и дланките, тие мора да ги препознаат и правилно да ги задоволат развојните потреби на детето.
Обрнете внимание
Ако бебето има цврсто стегнати тупаници на три месеци, задолжително кажете му го тоа на педијатарот.
912