Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Повеќе од авторот

Очекувањата дека партнерот „ќе се смени“, „ќе си легне на брашното“, „ќе се смири“… обично завршуваат со разочарување

Последната информација од Заводот за статистика е дека во изминатата година речиси 2.000 бракови завршиле со развод. Оваа бројка, која навидум не е голема, добива сосема друго значење кога ќе се „претвори“ во луѓе што ќе продолжат да живеат со последиците од разводот. Тоа значи дека во наредните години најмалку 4.000 возрасни луѓе, мажи и жени, ќе минуваат низ последиците од брачната криза која не успеале да ја разрешат на конструктивен начин и се развеле. Но, тоа не е сѐ.

Според нивото на стрес, оној поради разводот се рангира веднаш по стресот предизвикан од смрт на брачниот другар. Стресните ситуации што му претходат на разводот и што честопати може да бидат драматични, проследени со несогласувања, караници, психичко и физичко насилство, се одразуваат во сите сфери на живеењето на сопружниците и на нивните деца.

 

 

Многу засегнати

Психосоматските нарушувања, како анксиозноста, депресијата, стравот од неизвесноста за понатамошниот тек на животот, несоницата, намалената концентрација и сл., кои се јавуваат како резултат на стресот предизвикан со разделбата и евентуалните судски разврски, може значително да ја разнишаат, а некогаш и сериозно да ја афектираат здравствената состојба на луѓето што минуваат низ развод.

Децата чии родители минуваат низ брачни кризи и развод и самите минуваат низ криза и живеат под стрес. Повеќето од нив продолжуваат да живеат со едниот или со другиот родител и минуваат низ емоционалната, сепарациската и финансиската криза на нивните родители. Некои од нив ќе ги променат местото на живеење, училиштето и стилот на живот. Ваквите промени се стресни и долгорочно се одразуваат врз емоционалната и здравствената состојба на засегнатите. Тука не можеме да ги изоставиме ниту родителите, ниту другите членови на семејствата на разведените – тие индиректно минуваат низ стресни состојби поради разводот на нивните блиски.

Гледајќи го разводот од оваа перспектива – кога двајца се разведуваат директно и индиректно тоа засега многу повеќе од двајца и ги менува животите на најмалку две семејства.

Силни последици

Многу луѓе што се развеле продолжуваат да живеат делејќи го животот на – живот пред и живот по разводот. Ова не значи дека секој развод е страшен, драматичен и има несакани последици. Некои разводи доведуваат до големо олеснување кај едниот или кај двајцата поранешни сопружници, а и кај децата. Но, ваквите ситуации се повеќе исклучоци отколку правило.

Во реалноста, вистински прекин на врската има само кај разведените што немале деца. Разведените сопружници што имаат деца, сакале-нејќеле, на еден или на друг начин остануваат во врска поради потребите на децата и природната поврзаност што тие ја одржуваат низ комуникацијата со двајцата родители. Кон ова придонесува и фактот што разведените кои по вторпат стапуваат во брак во нашето општество се многу малку. Ваквите статистики не се објавуваат, а тие се показател за тоа колку од разведените ја надминале разделбата и успеале да формираат ново семејство, што претставува многу подобар, постабилен и поквалитетен развој во животот.

Поради трауматските искуства од првиот брак, финансиските тешкотии, комплексноста на животот со деца без партнер и други проблеми што се јавуваат при разводи, многу малку разведени се решаваат на втор брак. Долги години, а честопати и до крајот на животот тие живеат сами или со минливи врски кои не можат да ги задоволат нивните емоционални и други потреби на возрасни мажи и жени. Затоа, разводите имаат силни и долгорочни последици врз животите на разведените и на нивните деца, но и врз пошироката општествена заедница.

Како да не дојде до развод?

Она што многумина си го поставуваат како прашање е – што да се направи за да не дојде до развод? Како младите што планираат да стапат или стапиле во брак да негуваат добри партнерски односи и да имаат конструктивен живот? Овде постојат неколку важни насоки кои е добро партнерите да ги следат:

  1. Љубовта е важен предуслов за добар брак, ако и само ако тоа подразбира одговорност, прифаќање и почитување на партнерот.

Одговорноста подразбира лична одговорност за сопственото однесување на секој партнер во брачната заедница и надвор од неа. Сопружниците треба да бидат одговорни за своето здравје и здравјето на децата, за економскиот опстанок на брачната заедница и за чувството на сигурност и добросостојба во бракот. Прифаќањето значи дека партнерот се прифаќа таков каков што е. (Очекувањата дека таа/тој „ќе се смени“, „ќе си легне на брашното“, „ќе се смири“ и сл. обично завршуваат со разочарување). Почитувањето значи – чесност, внимание и поддршка. Партнерите треба да покажуваат почит еден кон друг и тоа да го прават без разлика дали се сами или во присуство на други луѓе. Особено е важно партнерите да покажуваат внимание и почит еден кон друг пред децата. (Прикривањето, лажењето или искривувањето на вистината, неисполнетите ветувања, грубите и навредливи зборови, обвинувањата, запоставувањето и недостигот на внимание и поддршка, се јасен показател дека нема почит. Наспроти ова – искреноста, исполнетите ветувања, вниманието, добрите зборови и поддршката – ја зајакнуваат врската и овозможуваат нејзино оптимално созревање и развој.) Ако нема одговорност, заемно прифаќање и почитување, бракот тече мачно или завршува со развод.

  1. Сексуалниот живот на партнерите е многу важен за амбиентот во кој ќе тече бракот.

Препуштањето на секојдневната рутина, запуштањето на изгледот, преоптовареноста со работа или други обврски, незаинтересираноста, несогласувањата, грубите зборови и сл. имаат силно влијание врз сексуалниот живот на брачните партнери. Затоа е многу важно партнерите да одвојат време, да си посветат внимание и да го одржат интересот за сексуалниот живот, како особено значаен дел од негувањето на брачните односи.

  1. Заедничките планови и договарањето за значајни, па дури и помалку значајни животни прашања се важни за тоа каков ќе биде бракот и како ќе се чувствуваат партнерите.

Планирањето на децата, местото и начинот на живот, развојот на кариерите, заедничките инвестиции и сл. – се јасен показател за функционалноста на брачната заедница. Таму каде што нема заеднички планови, договарања и инвестиции – има сериозни проблеми. Уште повеќе ако партнерите или едниот од нив не сака да се договара или се договара, но не се придржува кон договореното. Таму каде што нема заеднички инвестиции обично нема доверба, а довербата е од исклучително значење за чувството на спокој и благосостојба во бракот.

  1. Барањата на работното место, поврзаноста со примарното семејство (родителите, браќата и сестрите), пријателите, занимавањето со некое хоби и сл. честопати се приоритет на едниот или на двајцата сопружници во бракот.

Ситуациите во кои брачните сопатници постојано им придаваат поголемо значење на други нешта или луѓе пред својот партнер/ка, придонесуваат кон заладување на односите. Зрелите партнерски релации во бракот подразбираат приоритет на партнерот и потребите на брачната заедница.

  1. Зачувувањето на личниот интегритет и негувањето на индивидуалните потреби е исто толку важен предуслов за добар брак колку и посветеноста кон партнерот и заедничките цели и активности.

Луѓето што свесно или не, откако ќе стапат во брак, се откажуваат од личните права и слободи, потреби, афинитети и амбиции, вообичаено се чувствуваат како жртви и кај нив се создава незадоволство. Ваквото незадоволство се прелева во сите сфери на брачниот живот, а најчесто врз децата. Личниот развој на секој од партнерите во бракот придонесува кон зацврстување на брачната заедница.

  1. Во секој брак се појавуваат проблеми од различна природа.

Некои од нив се помали и минливи, но некои може да бидат посериозни и да перзистираат долго време. Барањето решенија на проблемите и преземањето одговорност за нив го прави бракот постабилен и на двајцата партнери им овозможува заедничко созревање. Фокусирањето на проблемите, заемните обвинувања и непреземањето лична одговорност за нивно решавање вообичаено водат кон незадоволство, заладување на односите и во крајна линија до развод. Разводот може да биде решение. Но, честопати може да продуцира многу повеќе проблеми и тешкотии отколку животот во брак. Затоа, пред да одлучат да се разведат, добро е партнерите да побараат стручна помош во решавањето на личните и брачните проблеми со кои се соочуваат.



912

X