Воспитување

Разведената жена е жена борец – наместо да ја озборувате, почитувајте ја

Никој не сака да му се случи развод. Разводот е пораз. Пораз на надежта, пораз на трудот, откажување од личноста која толку многу ја сакавте претходно. Но, разводот понекогаш е неопходен. Одлука на борците. Борци за подобар живот. За подобар живот на вашите деца.

Не размислувам за развод, во ниту еден дел од мозокот, но некои настани околу мене ме наведоа да ја напишам оваа статија. Сакам да ги поддржам сите што се несреќни во бракот, особено жените. Јас сум дете на разведени родители. Разведени родители кои се разделиле предоцна. Растејќи како католик во мал град, мајка ми гледаше само „целосни“ семејства. Затоа со години се бореше да го одржи во живот својот брак во кој бевме две деца. Разговарала со свештениците, тие и рекле да издржи, иако веќе имало траги на насилство. Нема да зборувам за какво насилство стануваше збор, само ќе ви кажам дека психичкото насилство често боли многу повеќе од физичкото. Тоа е невидливо, па не ви веруваат. Модринките се видливи, навредата и понижувањето – не.

Се сеќавам, беше крај на летото по моето прво одделение во основно училиште, една година откако почнав да пелтечам затоа што видов една сцена од мајка ми и татко ми што ме исплаши. Тогаш живеевме во Сплит. Се вратив дома по долг лет на островот со баба ми и дедо ми, па влегов во станот – беше невообичаено тивко. „Тато повеќе не живее со нас“, тивко рече мајка ми и се наведна да ме утеши. „Фала му на Бога“, реков.

Луѓе мои, се сеќавам на чувството на олеснување, а имав само 7 години. Чувствував дека ѝ е полесно на мајка ми. Татко ми секогаш беше добар со мене, јас му бев миленичка, но чувствував олеснување. Затоа што живеењето во куќа во која двајца возрасни видно не се согласуваат, а камоли нешто полошо, е најлошо растење. Детството од пеколот не е детство во кое мајката и таткото не живеат заедно. Детството од пеколот е она во кое мајката и таткото живеат заедно, но не можат да се поднесат. Или едниот од нив не го поднесува другиот. Пораснав среќна само поради мајка ми. Таа го создаде нашиот свет полн со љубов и тивки тонови, свет полн со разбирање за грешките. Не е убаво да се биде дете на разведени родители. Таткото го нема. Или мајката ја нема. Таквото искуство е тажно за децата. Ама да живееш така што ќе газиш жена или маж пред сопственото дете, да ги понижуваш, да им кажуваш некои работи, да викаш, да трескаш по плакари и врати – е уште потажно.

Воспитувате уште една генерација која ќе вика и ќе треска кога ќе порасне. Затоа што детето мисли дека тоа е нормално, учи шаблони и не знае како да ги смени. Мајка ми успеа да се разведе. Таа можеше да каже „не“ на тој живот, да каже „не“ на озборувањата во селото и да каже „да“ за подобар живот за себе и за нејзините деца. Денес, кога и самата сум мајка, гледам колку нè штитеше и жал ми е што почина и што сега не можам да ѝ кажам уште еднаш: „Ти благодарам мамо за сè.“

Ти благодарам најмногу што ми покажа дека луѓето сами си ја избираат среќата и дека нивните одлуки ги обликуваат животите на другите луѓе.

Таа ме научи да не трпам лоши односи, дека жената треба да има свои пари и слобода за да каже „не“.

Разведената мајка не е сиромашна жена. Таа е храбра жена. Жена борец. Жена која повторно се движи. Почитувајте ја наместо да ја озборувате. Човек треба да има сила да се откаже од лошите навики.

Автор: Барбара Јагодиќ

Извор

Поврзани написи

To top