Воспитување

Разлики во спиењето кај децата

„Добри спијачи“

Некои деца веднаш по пристигнувањето од породилиштето воспоставуваат ритам: спиење, хранење… без ваша интервенција. Кога малку ќе пораснат, тие сè уште можат да бидат одлични спијачи, а можеби ќе ви биде тешко да ги разбудите ако треба да одите некаде. Ништо не може да ги вознемири во сон: не им е важно дали се во светлина или во темнина, дали се опкружени со бучава или тишина, без разлика дали сте дома или далеку. Ако поради некоја причина го нарушите распоредот на спиење, тие без проблем се приспособуваат на тоа. Таков е и тригодишниот Марко, кој ако родителите се зафатени со гости и заборават да го заспијат во предвиденото време, со задоволство би заспал на подот, под масата каде што седат десетина луѓе и имаат вечера. Таквите деца природно ги нарекуваме „добри спијачи“.

„Лоши спијачи“

Од друга страна, некои деца се многу чувствителни на каква било промена во распоредот и тешко заспиваат, и тоа само со помош на
родителите. Изгледа дека тие деца се плашат да не пропуштат нешто. Тие се обично живи, немирни деца кои дури и кога се конечно уморни, се борат со сонот обидувајќи се да останат будни што подолго. На секој звук, смена во распоредот за спиење или некоја возбудлива посета, тие реагираат како да мислат: „Нема да спијам!“ Додека го заспивате, постојано се буди и ве погледнува како да сака да каже: „Аха, уште си тука! Не сакам да спијам!“ Ваквите малечки (незаслужено!) ги квалификуваме како „лоши спијачи“.

Има и деца што спијат значително помалку од нивните врсници. На пример, двегодишно дете спие девет часа и тоа може да им се чини на родителите доволно. Сепак, за двегодишно дете, девет часа сон на ден генерално не се доволни. Ако вкупното време за спиење на ова дете се зголеми со промена на навиките, родителите најверојатно ќе забележат некои промени во неговото однесување: помала раздразливост, подобра концентрација во играта, помалку изливи на гнев… Иако можеби изгледа како невозможна мисија, со менување на навиките вашето дете многу брзо ќе научи да спие и ќе стане „добар спијач“.

Но, нема „лоши спијачи“. Сите деца можат да станат „добри спијачи“ со стекнување добри навики за спиење.

Автор: Невена Ловринчевиќ/извадок од книга „Научете го детето да спие“

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top