Честопати разговорот со децата околу тоа што е менструален циклус и менструално крвавење е непријатен за родителите, па го избегнуваат. Сепак, овој разговор е многу важен со цел детето да добие соодветни и вистинити информации во врска со тоа што претставува овој телесен процес и како да се грижи за своето репродуктивно здравје. Доколку вие го иницирате и нормализирате ваквиот разговор, тоа ќе го отстрани превезот на срам и непријатност од темата, отворајќи го патот детето да поставува прашања на оваа, но и на други теми или по потреба да побара помош.

Информирањето на вашето дете на оваа тема би можело да оди постепено, со надградба на информациите и знаењата што ќе ги добива со текот на времето. Со голема напомена информациите што му ги давате да се вистинити и медицински поткрепени. Како детето ќе расте, така можете да ги продлабочувате неговите знаења, секако, со процена на индивидуалната подготвеност на детето да разбере што се случува за време на овој биолошки процес.

Добар момент за почеток на овој разговор би било кога тоа самото ќе постави прашање за промените на своето тело предизвикани од пубертетот, доколку постави прашања во врска со бременост и раѓање деца или доколку во продавница забележи менструални хигиенски продукти и праша за нив. Доколку ваквиот момент не се наметне спонтано, вие можете да го иницирате овој разговор. Прашајте го за неговите познавања на темата, а вашите одговори нека се едноставни и директни. Ова е добар момент да исправите некои погрешни сознанија кои детето можеби ги добило во разговор со врсниците.

 Фокусирајте се на едноставно објаснување на физиолошкиот процес, со акцентирање дека тоа е природен, биолошки процес. Објаснете дека за време на пубертетот доаѓа до голем број телесни и емоционални промени. Разговарајте како хормоните ги афектираат расположението и емоциите кај двата пола, како и за одредените полови специфичности на пубертетот кај момчињата и кај девојчињата.

Помогнете и на вашата ќерка да разбере како се употребуваат различните менструални санитарни продукти и како безбедно да ги употребува. Обезбедете вакви продукти во нејзиниот училиштен ранец и во домот каде што ќе ѝ бидат лесно достапни. Истакнете ја важноста од практикувањето добра менструална хигиена.

Разговарајте и со момчињата!

Важно е и момчињата да бидат информирани на оваа тема. Знаењето поврзано со менструалниот циклус им помага на момчињата да разберат низ што минуваат девојчињата и жените и да развијат емпатија. Разбирањето на туѓото искуство води до поздрави интерперсонални релации помеѓу мажите и жените. Освен тоа, едуцирањето и на момчињата ја намалува стигмата, ја нормализира темата, промовира отворен разговор не само на оваа, туку и на други теми поврзани со репродуктивното здравје. Момчињата кои имаат сознанија на темата можат да обезбедат соодветна поддршка на своите другарки или членови на фамилијата кои се соочуваат со дискомфорт поради менструалниот циклус. Адекватното знаење на оваа тема може да послужи како основа над која ќе се надградат други знаења поврзани со сексуалното, репродуктивното здравје, како и планирањето семејство.

Разговорот за менструалниот циклус е разговор кој може да го започнат и татковците!

Вклученоста на татковците во оваа и во сите теми што природно ќе се наметнат во животот на децата е многу важна за правилниот раст и развиток на децата. Кога татковците разговараат со децата на оваа тема, овозможуваат да се срушат бариерите и стигмата поврзана со менструацијата, трансформирајќи ја од непријатна табу-тема во нормален дел од животот. Ова им овозможува на децата, и на синовите и на ќерките, отворено да разговараат за сите теми поврзани со здравјето, што води до нивна поголема и посоодветна информираност и на крајот до нивно подобро здравје.

Татковците можат да послужат како модел на однесување за своите синови за време на овие дискусии, со демонстрирање однесување со почит кон женското здравје. Исто така, нивната вклученост во овие теми за ќерките значи зацврстување на односот родител-дете, што води до поздрава фамилијарна динамика во сегашноста, но и во иднината на младата жена промовирајќи емоционална резилиентност. Чувство на сигурност и поддршка од обата родители е многу важно додека ја минува новата животна доба која со себе носи многу предизвици.

Едуцирајте го вашето дете за улогата на гинекологот

Објаснете му ја на детето важноста од редовните гинеколошки прегледи и нивната улога во женското здравје, со акцент на тоа дека тоа се лица кои се занимаваат со репродуктивното здравје и дека можат да помогнат при тешкотии или проблеми со менструалниот циклус. Разговарајте за почестите грижи кои може да се јават од типот на нередовни менструации, болка или невообичаени симптоми. Претставете го лекарот од општа практика, како и матичниот гинеколог, како примарен извор на одговори во врска со сите прашања поврзани со репродуктивното здравје.

 Автор: д-р Елена Димовска, специјализант по психијатрија



912

X