Воспитување

Разговарајте со вашето дете за самодовербата и позитивната слика за телото

Без оглед на тоа колку се трудиме да имаме правилен став за убавината и изгледот, често не успеваме во тоа. Ова особено ни е тешко во периодот по породувањето, односно веднаш откако ќе станеме мајки. Бараме многу од себе, имаме нереални очекувања…

Но, што ако почнете да размислувате како тоа ќе влијае врз вашето дете?

Кога ќе застанете пред огледалото и се набљудувате со доза на критика, веќе сте помирени со тоа и знаете како да го држите под контрола. Но, што ако можете да му го пренесете тој став на вашето дете? Дали ќе бидете задоволни од исходот? Со зголемениот број нарушувања во исхраната, сигурно нема да биде во ред да го испратите вашето дете во светот со погрешни ставови за толку важно прашање.

Еве на што треба да обрнете внимание.

Секогаш обидувајте се да зборувате отворено

Никогаш не е рано да започнете да разговарате со вашето дете за самодовербата и позитивната слика за телото. Додека детето е многу мало, важно е да зборувате позитивно за себе пред него. Тоа е најдобар пример за вашето дете, кога родителот зборува за себе со позитивен став. Но, како што детето расте, тоа станува сè потешко – особено со социјалните мрежи. Тогаш е важно да имате отворен разговор.

Важно е да се обидете да му објасните дека целото општество може да го искористи тоа што некој мисли лошо за него. Исто така, треба да му објасните и за рекламите што ги гледа на социјалните мрежи, а поради кои би се чувствувало лошо. Објаснете му дека обидот да му продадат нешто за да се чувствува добро не функционира на таков начин.

Секогаш бидете отворени – дури и ако тинејџерите не го сфаќаат добро тој разговор. Тие треба да знаат дека вратата е секогаш отворена за нив.

Зборувајте за тоа што може да го направи телото, а не како изгледа

Многу е лесно да се погледнете во огледало и да видите неколку работи што не ви се допаѓаат. Многу е потешко да му се заблагодариме на телото за сè што прави за нас. Ова го знаат мајките што родиле и имаат видливи знаци на бременост и породување на нивното тело. Зашиената рана од царскиот рез можеби ви изгледа одбивна, но таа е доказ дека вашето тело носело бебе.

Ако детето спортува, нагласете што може да направи неговото тело. Ако свири некаков инструмент, посочете како рацете/белите дробови/устата одлично работат во креирањето на музиката. Нагласувајте го ова секогаш кога ќе забележите дека детето си бара несовршености.

Социјалните медиуми треба да бидат постојано присутни во разговорите

Ова е неизбежно денес. Можеме да бегаме колку сакаме, но тие ќе нѐ стигнат. Ако не нас, тогаш нашите деца. Денес е многу потешко да се биде тинејџер отколку пред 20 години. Ако му дозволите на вашето дете да пристапува до социјалните медиуми на одредена возраст, важно е да се нагласи позитивната страна на тоа. Секогаш можете да најдете „ќоше“ каде што се негува позитивниот однос кон телото и се поттикнува самодовербата. Но, треба да го барате, вашето дете само нема да може да го најде. Помогнете му да го најде.

Никогаш не заборавајте дека вие сте пример за вашето дете

Колку и да се важни социјалните мрежи, без разлика колку околината или рекламите влијаат врз сè – не заборавајте дека сепак вие сте главниот модел за детето. Тоа, се разбира, не значи дека треба да бидете совршени, без ниту една грешка или маана. Токму спротивното. Обидете се едноставно да бидете некој што го сака своето тело, можеби ќе се уверите во тоа и ќе почнете да размислувате така.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top