Постои нешто неверојатно и посебно во силната врска помеѓу бабите и дедовците и внуците, и тоа многу подлабока отколку само јадењето колачи и бесплатното чување деца. Не е секогаш едноставно и понекогаш подразбира подолги патувања, но кога негуваме позитивна врска помеѓу бабите и дедовците и нивните внучиња – нашите деца се во голема добивка. Често се вели дека бабите и дедовците се склони кон разгалување на децата, но сета таа дополнителна љубов не ги прави слаби, туку силни. Ова се 5 причини зошто цврстата врска со бабата и/или дедото е неверојатен подарок.
Децата ќе имаат вграден систем за поддршка
Истражување од „Оксфорд“ открило дека децата што се блиски со бабите и дедовците имаат помалку емоционални проблеми и проблеми во однесувањето, па подобро се справуваат со трауматични животни случувања, како развод или врсничко насилство. Бабите и дедовците може да дадат сигурност и поддршка кои им помагаат на децата низ предизвикувачки периоди во детството.
Меѓугенерацискиот идентитет ја зголемува детската отпорност
Уште едно истражување тврди дека меѓугенерацискиот идентитет или разбирање на семејната историја може да ги направи децата поотпорни и да им помогне да чувствуваат дека имаат повеќе контрола над својот живот, дури и кога светот надвор од нивното семејство изгледа дека е надвор од контрола.
Поради блиската врска со бабите и дедовците, децата имаат помалку предрасуди кон постарите лица
Сите еден ден ќе остариме и можеме само да се надеваме дека следната генерација нема да биде дискриминирачка кон нас. За среќа, најдобар лек против предрасуди кон постарите лица е негувањето на односот помеѓу децата и нивните баби и дедовци. Според истражување кое вклучувало околу 1.150 белгиски деца помеѓу 7 и 16 години, децата што се блиски со бабите и дедовците помалку покажувале предрасуди кон постарите и возрасните отколку децата што имале слаб или никаков однос со бабите и дедовците.

Блиската врска со бабата и дедото ги штити децата од депресија
Истражување спроведено во 2014 година покажало дека постои врска помеѓу односот на бабите и дедовците и постарите деца, со помало ниво на депресија – и за внуците и за бабите и дедовците. Тоа за внуците значи предност поради животното искуство и советите што ги добиваат од бабите и дедовците.
Бабите и дедовците живеат подолго поради внуците
Науката е прилично јасна дека блискиот однос со бабите и дедовците е добар за сите: децата се поотпорни, бабите и дедовците се поздрави – поради меѓугенерациските врски навистина сите имаат придобивки.
Автор: Ана Шефчек